Потребно време за читање: 8 минути

Станува збор за специфична книжевна радио витрина на која се презентираат/афирмираат различни книжевни дела создадени и објавени во минатото и денес. Најнапред како доказ на творечкиот, на истражувачкиот дух, на творечката личнмост и нејзиниот индивидуалитет.

Збор и дело, уметност- творештво. Отворени страници-Библиофилија во нашево, за идни времиња. Во делото, во творештвото, во објавата. Во поезијата, во стихот, во романот, во есејот-промислувањето. Одбрани зборови за исказ, за приказ, за доказ на творечкиот, на истражувачкиот дух, на личноста, на нејзиниот индивидуалитет.

Овој авторски-творечки радио проект, под наслов „Отворени страници – Библиофилија“, претставува книжевна радио-витрина чија основна цел е презентација и афирмација на македонската и светската книжевна продукција вчера и денес, во нашево време. И тоа на еден мошне специфичен начин: како писателски „радио-дневник“, според принципот што го негуваше писателот Јуриј Олеша „ниту ден без ред“. Се работи за оригинален-творечки пристап, за писателски „отворени страници“. Притоа, не се останува само на следење-регистрирање на книжевни пројави, дела, жандри, правци, туку и на основното поимање на литературата-книжевноста-едукативен книжевен речник и лексикон, на самиот творечки процес-создавање на книжевно дело и на творечкото секојдневје на писателот.

Поставенава концепција, односно структура на радио-проектот „Отворени страници- Библиофилија“ птврдува дека следењето на македонската издавачка продукција не значи само нејзина афирмација, туку многу повеќе однос спрема книгата и нејзините трајни вредности, однос спрема литературното творештво, одбрана на неговото високо место во системот на вредностите на една култура. Токму тоа е основната, првенствена улога и функција на оваа емисија, во која централно место-главна улога ќе има творецот на Зборот, творецот на неговата уметност. Конкретно, тоа значи дека посебен акцент се става на чинот на објавата на книжевното дело и запознавањето со него; чинот на објавата низ специфична радио промоција, со користење на современите-модерните средства на радио изразот, радио јазикот; запознавањето со делото, почит кон неговиот автор (присуство во емисијата-разговор или изјава), но и непосредни средби на слушателите-читателите со него (радио контакт).

Овој серијал всушност претставува вовед во реализација на емисии „во живо“-присуство во емисија-разговор, изјава, непосредни средби со слушателите-читателите со него, радио- контакт и сл.


Наше мало промислување на тема „Како се чита книгата?”

Прво, книгата се чита со задоволство. Оној што мора да ја чита, всушност не ја чита. Затоа што е тоа само измачување. И за книгата и за тој што ја чита. Не мислам на задоволството од прочитаното, од она што го нуди книгата како содржина, туку на задоволството од самото читање-откривање на книгата. Што се случува кога го нема задоволството, кога постои принуда, обврска, должност за читање?

Читателот е груб спрема книгата, воопшто не внимава на нејзините страници, на нејзината корица. Ја свиткува, ја превиткува, ја валка, ја фрла кај било, ја остава отворена таму до кај што стасал со читањето, па се чини како да е силувана, казнета, убиена, мртва. Ништо од нејзиниот напор, обид, последен здив да остане книга, барем да личи на книга за други што ја посакуваат или не можат без неа.

Тој што не чита од задоволство всушност воопшто не чита. Книгата се чита со максимална концентрација. Ако притоа се испушти макар еден ред, еден стих, еден збор, точка, запирка, прашалник, чуденка, заграда-ограда, останува неразбрана, не докрај откриена, протолкувана. Тоа значи и одбивна, неинтересна, здодевна, непредизвикувачка, бесвредна.

Од неконцентрираното читање најмногу страда авторот на книгата. Последиците за него можат да бидат и трагични: да се убие неговиот творечки дух, да се уништи до замолк и молк. Во однос на критичката валоризација таа-книгата добива негативни оценки од читателот, а особено од книжевниот критичар, теоретичарот на литературата, рецензентот.

Кога човек само ќе помисли колку книги во книжевната историја останале неразбрани, премолчени, неправедно заборавени уште на првиот чекор од нивната објава, а по многу време, години, векови откриени со своите убавини и вредности, почнува да ги жали и да ги сожалува сите оние што не знаат или не сакаат да читаат со задоволство и концентрација. (Се оправдуваат со тоа дека немаат доволно слободно време, иако која било книга не бара и не ја интересира ничие и никакво слободно време). Дури, му паѓа тешко, никако не се помирува со помислата дека му недостасува, ќе нема доволно ангажирано време за сите навреме откриени книги-дела, и за неоткриените, заборавените што чекаат на него; да ги открие, да ги оттргне од заборавот. Токму тоа-времето, не слободното туку ангажираното, би рекле творечкото време е третиот фактор или предуслов за правилно, вистинско читање на книгата.

Ако успевате да најдете слободно време за книгата, вие не сте никаков нејзин почитувач, љубител, читач. Затоа што книгата не се чита во некое слободно време. Ако се чита, кога се чита во такво, тогаш тоа е незадолително, маргинално, безволно, попатно читање кое не овозможува никакво читачко задоволство.

Никогаш немојте да читате книга во вашето слободно време, макар тоа да е време за одмор и разонода. Книгата не ги одмора, туку ги збогатува духот, свеста и совеста, емотивниот свет, мислата, го очовечува човекот, ја потврдува и зацврстува смислата на неговата егзистенција, на неговата личност.

И најсетне она можеби најважното: секоја книга, со каква било содржина, не треба да ја прочитаме, туку да ја читаме. Со други зборови, не да ја прочитаме еднаш и да заборавиме на неа, туку одвреме-навреме да се навраќаме на нејзината содржина, структура, дејствие, порака, простор и време, на она што сме го подвлекле на нејзините страници, што сме го запишале на нивните маргини. Па и одново да ја читаме.

Дали ја знаете разликата помеѓу читањето и прочитувањето? Ниедна, која било, каква било книга не ни се открива само со едно читање односно прочитување.

Секоја книга вреди онолку колку што се чита, колку што ја читаме. Ако е доволно еднаш да ја ~читаме односно само да ја прочитаме, тогаш или не знаеме да читаме, не знаеме како се чита една книга, или таа не го заслужува нашето читање.


Книжевен речник: поими-термини од областа на литературата-книжевноста

Што е тоа литература?

Одговорот е едноставен, лесен, но содржи и елементи кои, доколку не се познаваат отвораат низа дилеми. Литературата односно книжевноста е вид уметност во чиј темел е зборот-пишан или устен. Притоа, нема значење дали ќе се определиме за поимот литература или книжевност, кому ќе му дадеме предност. (Поимот „книжевност“ е изведен од латинскиот збор litere).

Најзначајно е средството-зборот, неговата сила, моќ, неговата напластеност, неговата комплексност, повеќезначност. Има ли потреба да посочуваме на двата вида литература- научната и уметничката, на разликувањето помеѓу нив?

Научната се потпира на материјални факти, докази, аргументи-историја, хемија, биологија, филозофија, педагогија, медицина, техника и др., а уметничката на доживувањето, емоциите, структурата. Токму структурата е еден од оние основни елементи кои ја конкретизираат суштината на литературата воопшто, особено на уметничката. Велиме на литературата воопшто, а особено на уметничката затоа што и научната, не само, туку особено уметничката се темели на поставена, затврдена структура. Што ја чини структурата а едно уметничко дело?

Станува збор за неколку основни елементи, но не и постојани, кои би претставувале услов за тоа да се назначи како уметничко (затоа што секое дело што пледира на автентичност, препознатливост, има и сопствена структура): тема или предмет-круг, свет на делото, идеја-директна, индиректна, отворена-затворена, творечки процес-замисла, чувство, творечка фантазија.

Дали литературата има цел односно цели? Зошто би имала? Може ли таа да биде цел сама за себе? Може ли писатетлот-творецот да почне и да заврши едно дело без друга цел освен да го создаде, да го заврши? Дали го завршува? Што станува со отвореноста на делото, а на што особено инсистираат структуралистите?

Наивно и несериозно е она што неретко го среќаваме како толкување-објаснување на основната-главната цел на литературата: да ги открива вистините за човекот, животот, општествените односи, природата; да го поттикнува човекот да се стреми кон добри дела, како и кон убавото; вистината, доброто и убавото што го претставуваат естетскиот идеал. Наивно е и несериозно ако таквата цел ја побараме во современото книжевно творештво кое не открива, ниту поттикнува, а најмалку, пак, се стреми кон некаков естетски идеал.

Литературата-книжевноста го има во себе пред сѐ задоволството од авантурата на духот. Притоа, зборот е едновремено слика и тон, боја и глас, миг и траење. Исто така, не е никаков проблем да се негираат или отфрлат тн. функции на литературата: естетската- откривање и создавање на убавото, на совршенството на животот-што е со откривањето и создавањето на грдото, на несовршеносѕта на животот?; дали дела со таква содрѓина инаугурираат поинаква, „извртена“ естетика?); социјалната функција-толкувана како откривање на вистината за човекот, животот, општествените односи и природата- што е со откривањето на лагата и воопшто неангажираната литература? Инфантилно е да се инсистира и на општествена, дури и воспитна функција на литературата.

Литературата воопшто, книжевното, уметничкото дело посебно има една и единствена функција ( ако може така да се нарече): да создава свет, простор, време, да пресоздава луѓе, маски, настани, големи и мали мигови од животот на човекот; со свест дека не може и не треба да бидат сооздадени за тоа-делото да остане отворено за читателот, секогаш предизвикувачко.


Препорака за прочит

Валтер Стејс: „Судбината на западниот човек“

Препораката на едно филозофско дело, не толку за проучување колку за прочит-читање, носи во себе извесна резервираност, една воздржаност со оглед на стручноста, познавањето на филозофската мисла, на филозофската теорија, па и на праксисот. Имено, без познавање макар само на основните филозофски поими и сознанија речиси не е можно подетално запознавање со нечиј мисловен систем, со нечии тези и заложби во решавањето на одредени проблеми и во промислувањето на конкретни искуства. Па сепак, постојат книги и во современата филозофска литература кои го привлекуваат вниманието и на тн. „обичен“ читател (доколку прифаќаме дека е можнода постои таков), кои му се пристапни не само со својата уверливост во презентацијата на основните идеи во неа, туку пред сѐ со својата читливост и достапност. Едно такво дело е секако и „Судбината на западниот човек“ од Валтер Стејс, кое пред повеќе години (првото издание во 1991) го објави издавачот „Култура“ од Скопје во рамките на својата библиотека „Идеи“, а во превод на Драган Јакимовски. Ви ја препорачувам со задоволство, особено поради актуелниот миг на демократизацијата на севкупното живеење, улогата на личноста, на вредностите на нејзината индивидуалност, и поради низа поставени мошне важни прашања непосредно поврзани со развојот на западната цивилизација.

Кој е Валтер Стејс? Од скудните био-библиографски податоци што се приведени во поговорот кон изданието, дознаваме дека станува збор за мошне плоден автор, со речиси непреркинато педесетгодишно творештво и многу значајни дела.

Валтер Стејс е роден во Лондон во 1886. година, умира во 1967. Во Англија ги завршил студиите и во 1929. година се здобил со докторат по литература. Во 1933. година се откажува од дваесетгодишната работа како судија и доаѓа во Соединетите Американски Држави, во Принстон, каде што како професор по филозофија работи сѐ до пензионирањето во 1955. година. Бил член на многу здруженија и институти за филозофија и во САД и во Велика Британија.

Како негови позначајни дела се наведуваат: „Критичка историја на грчката филозофија“, „Значењето на убавината“, „Теоријата на познанието и постоењето“, „Концептот на моралот“, „Природата на светот“, „Портата на тишината“ и други.

Книгата „Судбината на западниот човек“ е објавена во 1942. година, во времето на фашистичката експанзија во светот, и веднаш станува бестселер. До 1947. година доживува четири изданија. Последното е повторно отпечатено во 1970. година.

Ова значајно дело на Валтер Стејс е оформено во три дела-три циклуси кои обработуваат најразлични аспекти и прашања односно проблеми поврзани со релацијата држава-индивидуа. Во сите одделни елаборации на авторот се провлекува основната заложба за бесконечната вредност на индивидуата фундирана врз грчкиот принцип заз првенството на разумот и христијанскиот принцип за првенството на сочувството; заложба остварена преку институциите на еднаквоста, слободата и индивидуализмот.

Всушност, хуманистот Стејс го дефинира својот став во врска со основните принципи врз кои се гради етосот на западната цивилизација, а инициран од агресивноста на нацистичката филозофија и нападот врз цивилизациите со изградена демократија. Во трите делови: „Добро и зло“, „Цивилизација“ и „Основни прашања“, се среќаваме со авторовите согледби за идејата за доброто, за хуманизмот, за грчкиот и христијанскиот придонес кон цивилизацијата, за бесконечната вредност на индивидуата, за еднаквоста, слободата, индивидуализмот, рационализмот и антирационализмот, за односот помеѓу државата и индивидуата, за Платоновата теорија за првенство на разумот, Шопенхауеровата теорија за првенство на волјата, како антиподи во однос на вредностите на индивидуата и функциите на државата во нејзината негација или потврда, како и за етичките начела на Ниче и Христос и нашата определба.

Во продолжение на овој кус приказ-препорака за прочит-читање приведуваме некои мошне прецизно дефинирани ставови на Валтер Стејс, во неговата книга „Судбината на западниот човек“:

„Моралот, според мене, ги означува принципите на добриот живот. А под добар живот го подразбирам животот што самите луѓе го чувствуваат добар, здрав, задоволителен и среќен…Околу зборот морал постои уште една двосмисленост. Обично се смета дека тој не вклучува политика. Но јасно е дека политиката има врска со најдобриот начин на живеење на нашите животи. Принципите што го овозможуваат добриот живот во нашите индивидуални и приватни врски, еден со друг го чинат она што обично се нарекува морал. Политичките принципи се однесуваат на најдобриот начин на живеење сѐ додека нашите животи се обликувани со фактот дека ние живееме во големи групи… Треба е клучниот збор за моралите. Сите морални принципи се тврдења дека ние треба или не треба да дејствуваме на некои начини…Етосот е душата, институциите и обичаите се телото на цивилизацијата. Ако цивилизациите се разликуваат и судираат, ако тие разлики не се површни туку фундаментални, тоа е затоа што отелотворените етички идеали се разликуваат и се судираат…Постојат три различни типа на етички идеи во историјата на европското мислење…Првата од трите потекнува од грчката етика на разумот и уметноста; втората во христијанската етика на сочувство и несебичност; третата во етиката на Ниче на волја и моќ… Бесконечната вредност на индивидуата е клучната идеја во групата на идеи што го чини етосот на западната цивилизација. Останатите три идеи се идеите на еднаквост, слобода и индивидуализам. Тоа се и темелните концепции врз кои е изградена филозофијата на демократијата…Во една демократска држава поврзаноста помеѓу владетелите и владеените е релација на убедување… Но владеењето со убедување е исто како и владеење со разум. Убедувањето, расправата и размислувањето се форми што разумот ги поприма во примената врз практични нешта…Демократкиот идеал е владеење со разумот…Државата попстои за индивидуите, а не индивидуите за државата…Можеме да заклучиме дека демократичката теорија е вистинита, што значи дека општеството не е ништо друго освен збир од индивидуи плус нивна општествена организација; и дека затоа државата не може да биде ништо друго, освен средство за целите на индивидуите“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here