Потребно време за читање: < 1 минута

23. Избледување

Секој добредојден близок можеше на фотографијата во рамка, една од многуте закачени на ѕидот спроти двокрилниот прозорец на неговата работна соба, да ги согледа лицата на стариот, старата и момчето во средината-дедо му, баба му и тој како дванаесетгодишник.

На секој близок добредојден Предраг Јаневски му раскажува накусо:

„Како ми се троши времето, ликовиве на фотографијава избледуваат сѐ повеќе. Од ден на ден сѐ повеќе. Забележувам дека побрзо избледуваат ликовите на стариве одошто мојов. Секако скоро ќе избледеат сосема. Знам дека има начин како да спречам да исчезнат. На пример со ретуширање. А веродостојноста? А патината?“

И никогаш не пропушта да нагласи:

„Тие ме изгледаа, ме пораснаа. Од татко ми и мајка ми не само што немам ниедна фотографија, туку во куќава нема никаква трага од нив. Зашто ме оставиле на стариве кога сум имал само четири месеци. Се развеле, заминале секој на своја страна и ме заборавиле!

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Фотографијава избледува, сосе лицата на неа. И на дедо ми, и на баба ми и моето. Скоро ќе избледеат сосема. Ама нели спомените избледуваат најбавно? Јас тврдам дека не избледуваат сѐ додека има жив кој ги чува“.

А помеѓу блиските добредојдени се најдува некој што на фотографијата не го препознава Предраг Јаневски. Сега шеесет и деветгодишен, но сѐ уште витален старец.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here