Потребно време за читање: 4 минути

Забележувам дека проблемот со политичкиот ангажман на интелектуалците (доколку прифатиме дека претставува проблем) се актуелизира во предизборен период или при внатрешни партиски групирања и прегрупирања пред нова проверка на довербата на гласачите. Притоа, секогаш таа актуелизација или проблематизација завршува со констатацијата дека тие не се и не сакаат да се ангажираат затоа што одбегнуваат да преземат дел од личната одговорност за „заедничкото добро“.

На оваа тема би можел да приведам повеќе мошне компетентни и продлабочени промисли и анализи (студии, книги) на врвни стручни луѓе (домашни и странски автори), пред сѐ политиколози, но бидејќи целта ми е да ве поттикнам на лично размислување, на градење сопствени ставови и аргументи, па и акција, само ќе приведам некои нужни дистинкции.

Најнапред за „проблематичноста“ на терминот „интелектуалец“. Ова се поврзува со (не)согласувањето дека во македонските партии не се вклучени-зачленети и интелектуалци од една, а од друга страна со одбивноста на интелектуалецот спрема конкретниот политички ангажман. Се оди дотаму што се релативизира значењето на самиот термин, со подзаборавање на круцијалниот момент, иако нема ништо спорно во него: тој-интелектуалецот е образован човек (што нужно не значи факлутетски односно со диплома), човек посветен на духовната работа; филозоф, научник, писател.

Круцијалниот момент е самата работа, поточно дејствувањето. Имено, секој образован човек не е и интелектуалец, особено не ако не е посветен на работата, што значи ако не работи-дејствува во рамките на сопствената духовност. На пример, особено кај нас не можат ниту да се избројат оние кои, доведени на работ од егзистенцијата, работат нешто сосема друго од она за што се образовале: не им се знае бројот на книжевните дипломирани кои застанале, се задоволиле со „факултетџиството“ или, пак, немаат творечки-дејствувачки капацитет за да продолжат со духовната работа-книжевното творештво (од кој било вид). И тие се интелектуалци? Не, тие се само образовани, остручени луѓе-занаетчии кои треба да се третираат-почитуваат не како интелектуалци, туку само како стручни, компетентни личности или експерти.

Прочитај и за ... >>  Манифестација и традиција: Охридски пливачки маратон

Значи, кога зборуваме за политичкиот ангажман на интелектуалците треба да мислиме на нивниот ангажман надвор од духовниот, надвор од нивната посветеност.

Недостигот од „вистинските“ интелектуалци нашите политички партии, без исклучок, го надоместуваат со тн. надворешна соработка-со нивно повремено експертско ангажирање (подготовка на партиски програми, подготовка на конкретни проекти, учество на трибини и сл.). Но тоа во никој случај не може да се третира како политички ангажман (па и интелектуален-во смисла на претходно реченото за него), уште помалку како политичка определба-членство или „симпатизерство“. Со оглед на бројот на оние што стојат на располагање за такви ангажмани (надвор од посветеноста-духовноста), списокот на таквите интелектуалци кои работеле и работат за повеќе партии и од позицијата и од опозицијата е поприлично голем.

Треба да се има предвид уште една мошне важна специфика на интелектуалецот: неговиот индивидуалитет, идентитет, поточно неговата одбивност, би рекол дури анимозитет спрема мноштвото, толпата, колективниот активитет. За него е апсолутно неприфатливо стопување со или втопување во толпата. Тој дури и се плаши од ненадејно повлекување во неа, на пример при манифестирање на улична демократија.

Прочитај и за ... >>  Време за Курбан Бајрам

Мојот став (во насловот на прилогов) дека интелектуалците никогаш не биле, ниту можат да бидат политички маргиналци, ќе го аргументирам со уште неколку општопознати нешта и со една хипотетичка пројава.

Реков, интелектуалците се постојано активни, дејствуваат, но дејствуваат индивидуално, и тоа најчесто во рамките на својата духовност-творештвото. Најчесто затоа што тоа не значи дека не дејствуваат и надвор од него, пред сѐ како нивни промислувачки активитет. А тоа е најголемиот, ако сакате и највреден нивни придонес во поставувањето-наметнувањето на критериумот за вредното, естетското, етичкото итн. Тој нивни повремен активитет (не ретко и редовен, во континуитет) често е решавачки, пресвртен, највлијателен, најдвижечки, најпрогресивен.

Можам да приведам наши врвни интелектуалци кои со своите реакции, промислувања, колумни и слични форми на дејствување и тоа како влијаат врз граѓанската свест, инсистираат на радикални промени, се најжестоки критичари на власта, но и на опозицијата, и се „најопасните елементи“ за нив. А токму тој страв и отпор спрема нив од страна на партиските врвови е причината зошто интелектуалците одбегнуваат, отфрлаат (дури грубо, жестоко) каков било конкретен политички ангажман во рамките на секојдневните активности, секојдневната работа на партиите на теренот.

Најавената хипотетичка пројава:

На политичката сцена се јавува „интелектуална партија“, односно нова партија (бидејќи постојните се покажаа дека се просто одбивни за такво нешто), во која масовно, како формално и неформално членство, се вклучуваат-зачленуваат интелектуалци од сите сфери, од сите мнозинско-немнозински заедници, без сомнение со граѓанска провениенција. Која би била нејзината сила, кои би биле нејзините шанси за победа на избори, за освојување на власта? Како таа би дејствувала?

Прочитај и за ... >>  Го даваат ли победникот на предвремените избори (евентуални) моментните рејтинзи?

Одговорот е единствен: тоа би била најмодерната партија, најмоќната, и сигурно би извојувала апсолутна победа.

Меѓутоа, многу е поважно прашањето на кое кусо ќе одговорам: како би дејствувала

Би дејствувала „заеднички индивидуално“ и би владеела најнапред чесно (нечесноста е „злосторство“ за интетелектуалецот). Како модерна партија par excellence, таа не е и не може да биде со масовно членство (што е тоа?), но би била сигурно со најголем број на приврзаници. Би била без лидер во „класична“ смисла бидејќи нејзините членови (формални и неформални), како индивидуалци односно личности со свои знаења и критериуми, „природно“ се наметнуваат како лидери, со внатрепартиски плурализам (единство во различностите или она од што најмногу се плашат постојните „декадентни“ партии-фракционерство) и врвен авторитет (како партија).

А владеењето? Единствено со наметнување сопствен, висок-највисок критериум.

„Проста“ споредба: селектор (постоечки-променлив) на театарските игри „Војдан Чернодрински“, претседател на Комисија за избор на книжевни и други дела за финансирање со државни пари, селектор на која било спортска репрезентација, „прв човек“ во кој било бизнис, во која било компанија итн.

Можна ли е скорешна појава на токму таква, „интелектуална“ партија? Тешко, мошне тешко. Речиси невозможно.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here