Потребно време за читање: 2 минути

Македонската економија, како и светската, ја надмина кризата, без оглед дали и официјално ќе се прогласи тоа (излегување од рецесијата), а претстои долг период на опоравување од нејзините последици. Особено ако се има предвид дека се тие многу повеќе долгорочни, отколку среднорочни и краткорочни.

Затоа не се реални ниту песимистичките, ниту оптимистичките прогнози за економските движења годинава. Треба да им веруваме на оние „помеѓу“.

Пред два дена (18.02.) се одржа „позиционерско- опозиционерска“ средба на која се расправаше токму за очекувањата во македонската економија годинава. Присуствуваа сегашниот министер за финансии Зоран Ставревски, поранешниот Никола Поповски (ДЕМОС), лидерот на ЛДП Јован Манасиевски, на НСДП Тито Петковски, други политичари и универзитетски професори. „Резултатите“ не излегоа надвор од очекуваното: опозиционерите критикуваа, напаѓаа, „црно“ прогнозираа, а Ставревски се обидуваше да ги убеди своите „противници“ дека оптимизмот, негов и на Владата, е реален, се темели на опстојни и детални анализи, параметри и податоци.

Прочитај и за ... >>  Добро е: СДСМ е „само“ во нокдаун

Вообичаено, најостар беше Манасиевски. По којзнае кој пат жестоко ја „елаборираше“ својата заложба за запирање на непродуктивните трошења и партиските вработувања. Екс министерот за финансии Поповски потенцира дека и во 2010-та останува проблемот со лошата структура на расходите, а постои голема опасност од раст на задолженоста:

„Она што постојано ме плаши е дека структурата на македонските јавни расходи е впрочем лоша структура и се плашам постојано дека зголемувањето на дефицитот е пад без враќање“.

Ставови на „неутралните“- униерзитетски професори:

Абдулменаф Беџети:

„Се цели дека една третина од спиралата на неликвидност почнува и стартува токму кај побарувањата од Владата, државата, владини агенции или јавни претпријатија“.

Михаил Петковски:

„Македонската и светската економија во 2010-та година прилегаат на болен реконвалесцент. Значи нема температура, нема ништо акутно, но треба да се чекори внимателно, да не се повтори болеста“.

Став на Ставревски:

„Сите сакаме економски раст од 6%, но дали е тоа остварливо. Годинава економијата ќе расте, јавниот долг ќе се намали. Тоа е официјален наш став за среден рок (мисли на Владата, заб.м.)- дека Македонија може да има буџетски дефицит од 2% и тој во наредните 2-3 години нема да предизвика воопшто зголемување на нивото на јавниот долг“.

Прочитај и за ... >>  Згасна уште една музичка ѕвезда: Дино Дворник

А има ли право бизнисменската фела кога проценува дека 2010-та ќе биде година на опстојување, имајќи пред се предвид дека македонската економија е главно „диктирана“ од порастот на извозот? И оти е нужно Владата да понуди нови антикризни мерки?

И за нив важи „и да и не“. Таа има и реални, но и нереални односно „надреални“ очекувања и барања: намалување на висината на надоместокот за приватизација на градежното земјиште кај правните лица, подобрување на ликвидноста на компаниите, пролонгирање на рокот за наплата на ДДВ од 15-ти на 25-ти во тековниот, за претходниот месец, координирано дејствување на инспекциските служби.

На прославата на јубилејот- 88 години коморско здружување во Македонија, пред два дена, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азевски, се обиде да ја „ублажи“ бараната „надреалност“:

„Не се работи за кризни мерки. Се работи за мерки со кои што сакаме во текот на годинава Владата да се позанимава поприоритетно и мислиме дека тоа ќе ја подобри севкупната бизнис клима. Без разлика на кризата и на сите околности во кои што живееме“.

Прочитај и за ... >>  Треба ли да го прашате народот за да го слушнете?

Најреална и највалидна е оценката- проценката на потпретседателот на Владата на Македонија, Владимир Пешевски:

„Дел од овие мерки се веќе планирани и разгледувани од страна на Владата, дел од нив се веќе и прифатени, некои во моментов не се прифатливи. Сега не би влегувал во детали, поединечно, конкретно за секоја мерка. Очекуваме во текот на наредната недела веќе да излеземе со новиот пакет на анти кризни мерки“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here