Потребно време за читање: 2 минути

18. Желка и човек

Одел човек на своја врвица, па на чекор-два пред него здогледал желка. Ја запрел во одот за да здивнат заедно. Поразговарале седнати на стена која врвицата ја заобиколила.

Желката:

-Знам дека ти, човеку, секогаш кога помислуваш на мене најпрвин ме поврзуваш со бавноста и долговечноста. За тебе е несомнено дека сум долговечна токму затоа што сум една од најбавните животни влекачи на светот.

Човекот:

-Не порекнувам. Зарем тоа не е точно?

Желката:

-Точно е, но тоа е најпрвин, а за друго во врска со мене не ни помислуваш. На пример на мојата тврда обвивка. А сигурна сум оти немаш поим за моето растење цел живот, до смрт. За што ми треба многу простор. Веројатно ќе ти е збунувачко ако ти речам дека јадам само четири до петпати неделно, значи не секој ден.

Човекот:

-Признавам дека е така, но мене уште од дете ми остана не баш јасна басната за желката и зајакот. Кога е збор за она што со неа се сака да се покаже и докаже, имено дека желката не е побавна од зајакот затоа што е поитра.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 13

Желката со широка насмевка:

-Се покажува и докажува тоа, но суштината е друга.

Човекот замислено:

-Сакаш да кажеш дека во трката меѓу желката и зајакот во која е надитрен на зајакот со две желки како една, едната на стартот а другата на целта, суштествено е нешто друго?

Желката сè уште со широка насмевка:

-Ќе ти кажам за да не си го тормозиш мозокот. Разликата меѓу мене и зајакот не е во неговата брзина и мојата итроштина, туку во начинот на живот. Не сакам да те навредам, но морам да ти кажам дека на тој план и ти, човеку, сè повеќе личиш на зајак. Имено, бавното движење низ животот, заедно со мирнотијата на телото, душата и срцето, нам на желките ни овозможува ем да живееме долго ем секогаш да стасуваме на целта совреме.

Човекот со набрчкано лице:

-Сакаш да речеш дека човекот брза, дури јури низ животот не мислејќи на последиците од кои најважна е дека од ден на ден, од час во час живее сè пократко односно умира сè помлад?

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 5

Желката сериозно:

-Не сакам да речам. Си рече самиот. Само прашај се што значи совреме да се стаса на целта. Совреме не е некаква спротивност на предвреме и повреме, туку е со свое вистинско време.

Откако одморија, желката и човекот рака под рака продолжија да одат по човековата врвица. Ги здогледа еден зајак. Застана во место вчудоневиден.