Потребно време за читање: 3 минути

14. Заедница со сите нишани

Думал, шестал царот на животнискиот свет, па најсетне ги собрал пратениците на различните животни во парламентот и вака им се обратил:

-Дами и господа, другарки и другари, политичари и политиканти, јас како ваш единствен цар, а не ко што слушам во последно време цар над царевите, се решив на длабок рез или, како што би рекле мудрите животни и луѓе, на почнување сè од почеток.

Неколкумина од пратениците на еден глас, како ептен изненадени:

-А зошто си решил така, царе наш над царевите и наш единствен царе?

Царот ги погледнал напоречки еден по еден и им одговорил:

-Ете затоа! Познава некој од вас царштина во животинскиот или во човечкиот свет со цар и над цареви и единствен? Не треба да ми одговорите. Знам дека не познава никој зашто нема!…Јас решив царштинава да ја преуредам во заедница со сите нишани. Ако не го сторам тоа јас, односно вие на чело со мене, наскоро од неа нема да остане ништо.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 12

Неколкумина од најстарите пратеници, изделени како помудри од другите, на еден глас, како сомничави:

-Зарем царштинава не е заедница со сите нишани?

Царот на животните одговорил одлучно и прилично луто:

-Можеби беше, ама веќе не е. Стана таква божемна! Иста како човечките капиталистички и квазикапиталистички држави. Знаете зошто? Затоа што подло, лицемерно и скришно од мене, ќе бидам самокритичен и ќе речам и со мене како невнимателен, чесен, па и наивен, суштината на царштинава ни стана интересот и само интересот. Најмногу личниот, по него групниот односно коруптивниот односно мафијашкиот, и најсетне колективниот односно општиот. Ако бараме кој е најкрив за тоа, тоа се политичарите и политикантите. Но, така веќе не може и точка!…Ај и со ова да ви ги отворам очите: гледате што од памтивек до ден-денешен направија и што прават со нас луѓето? Ги спитомуваат само оние што можат да им користат за ова или она, а најмногу за остварување на нивни лични интереси. Другите од нас, вклучително и јас, или нè тормозат со дресури за настапи во црикуси или, пак, ни ја пустошат царштинава за уште повеќе да подивиме…Ај и ова да ви го доречам: нас нè пикаат во кафези за да нè покажуваат на нивните потомци, а од друга страна сè повеќе ни ја освојуваат царштинава и немилосрдно ги експлоатираат нашите природни и од нас создадени богатства. Односно ја пустошат за коечно да стане пустина во која не ќе може ни да се живее мирно ни да се умира спокојно.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 9

Се јавил координаторот на парламентарната група тигри, еден од неговите најголеми поддржувачи:

-Добро, единствен царе наш, нека биде како што си решил ти. Но, како мислиш царштинава да ја направиш заедница со сите нишани? Биди конкретен.

Царот на животните молчел минута-две, па решил да ги каже своите последни зборови:

-Како прво, во неа ќе живее само кој сака. Кој не сака, нека му е среќен патот, а може и џенем да се стори. Значи, живот со сакање, што значи меѓусебно почитување, спомагање и слобода кога е во прашање сè. А не да не зборат соседи како соседи, па дури очи да си вадат. Како второ, во заедница со сите нишани да бидат рамноправни во сè и животните и луѓето, што значи никој да не биде ни над ни под. И како трето, сите нишани да немаат никаква врска со интересот, туку да се во секаква со квалитетот на животот. Не со никогаш доста за мене и само за мене.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 4

Белки сега ви е јасно зошто сум решил да направам длабок рез или, како што би рекле луѓето, на почнување сè од почеток. Зашто царштинава си ја врзавме и ни ја врзаа ко Дамоклов јазел, па нема друго чаре освен да се пресече со меч.

Мојот прв чекор е распуштање на парламентов. Ај секој во својот крај, во своето дувло и во своето дома…И да засучиме ракави за со голи раце да почнеме сè од почеток. Да стокмуваме животинско-човечка заедница со сите нишани.