Потребно време за читање: 2 минути

Изјавата на шведскиот амбасадор Ларс Фреден, чија земја е претседавач со ЕУ, искажа очекуван и „евростандарден“ став во врска со решавањето на проблемот што го има Грција со името на Република Македонија. Со една интересна „додавка“: ги искажа своите „ѕвездочитачки способности“. Со едно отворено прашање: дали прочитал дека звездите и се наклонети и на Грција, бидејќи проблемот е „билатерален“, а мора да се најде заедничко компромисно решение?

(Повторувам по којзнае кој пат: таа нема проблем со уставното име, туку со името „Македонија“, а што е дел од комплексноста на идентитетот на македонскиот народ. Нејзината „црвена линија“ е географска одредница на уставното име за севкупна употреба, а посакуваната е „Република Северна Македонија“.) Еве што изјави Фреден:

Кај македонската Влада постои волја за решение на „спорот“, а шансата не треба да се пропушти „бидејќи во овој период и ѕвездите и се наклонети на Македонија“:

„Ако има волја, има и начин. Но, мислам дека сега ситуацијата е таква што ѕвездите се наоѓаат во подобра позиција отколку што биле со години“.

Прочитај и за ... >>  Храната и нафтата

За шансите Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во европското семејство:

„Не знам. Мислам и дека никој не знае што ќе реши Советот. Ние се надеваме на решение кое нема да биде придружено со дополнителни услови за почеток на преговорите со Македонија“.

А во интервју за Радио Слободна Европа:

„Препораката од Комисијата беше техничка одлука, а не политичка. Како што знаете, комисијата е граѓанскиот сервис на Европската Унија, тоа се експерти, тие не размислуваат со политички термини. Тие само се интересираат дали Македонија ги има исполнето критериумите кои се бараа. Заклучокот беше дека Македонија тоа го направи…Следниот чекор е дека извештајот за напредокот на Македонија ќе се дискутира во таканаречените советнички структури во Брисел. Тоа се се комитети, има многу од нив, триесет или четириесет работни групи во Брисел, каде секоја земја има свој претставник, вообичаено од министерствата за надворешни работи, за да се изготви нивното мислење за проценките во извештајот за напредокот. Тоа се случува сега, на есен и на крај на состанокот на министрите за надворешни работи на 7- ми и 8-ми декември во Брисел тие министри ќе се согласат околу заклучоците, заклучоци на Советот за извештајот за напредокот. Претседателството ќе каже дали заклучокот е дека Македонија ќе може да почне со преговорите за членство. И тоа ќе биде политичка одлука. Факт е дека таа одлука мора да биде едногласна. Кажано поинаку, Грција има право на вето и би требало да го прашате грчкиот амбасадор како Грција ќе се однесува во декември. Мојата проценка е дека ако нема значаен напредок за решавање на спорот со името, Грција нема да ја прифати одлуката за почеток на преговори. И тоа е политичкиот дел. Спорот со името не е дел од техничката проценка за тоа дали Македонија е подготвена да почне со преговорите“.

Прочитај и за ... >>  Здодевно, банално, жално и сожалувачко

Настрана проблематичноста на ставот дека препораката на ЕК е техничка. Таа е многу повеќе од тоа. Исполнетите одредници во својата суштина не се технички. Шведскиот амбасадор отвора суштинска дилема за едногласноста (консензусот) при донесување на одлука на Советот на Европа:

Имајќи предвид дека решавањето на „спорот“ не беше дел од одредниците (макар како развиеност на добрососедските односи; за што сигурно Македонија би добила позитивна оценка бидејќи нема никакви проблеми со соседите, вклучително и со Грција- таа има проблем со името), дали евентуалното вето на Грција ќе биде дел од политиката (лицемерна) на ЕУ спрема Република Македонија?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here