Свето Благовештение-Благовец

0
79

Христијански празник кој се вбројува во постојаните празници и паѓа секогаш е на 7 април (или на 25 март според стариот календар).

Празникот Свето Благовештение, меѓу народот познат како Благовец, Благоец, Блошчојне. Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден и сл., се смета за тежок празник. Некои дури го сметаат за голем како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв Велигден“.

Именден празнуваат Благоја, Блаже, Благица итн.

Свето Благовештение е Богородичен празник, еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тоа се празници поврзани со животот на Божјата Мајка, но и со самиот Исус Христос.

Реклама

На овој ден Гаврил се јавил во архангелска светлина и ѝ рекол на Марија дека е одредена од Бога да го роди Спасителот. Во чест на таа блага вест, што ангелот ѝ ја пренел на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот кој се празнува точно девет месеци пред Божик.

Легендата вели дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во Книгата на пророкот Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел“, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би ѝ служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот:

„Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.

На тоа Марија зачудено прашала: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“ на што ангелот ѝ одговорил: „Светиот дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени, па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече син Божји“.

Се смета за двоен празник-Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил-зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица станала Божја мајка.

Се смета и за ден на мајката која дала нов живот. Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Децата ѝ благодарат на мајката, ја гушкаат и ѝ даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

Се верува дека на овој ден (благ ден) раната не боли, па на малите деца им ги дупат ушите за обетки.

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. За кукавицата се вели дека и таа радувајќи се на овој благословен ден отворала уста и кукала но никогаш не кукала пред Благовец како што пупал пупунецот.

Се верува дека ако наутро гладен, како што се вели на гладно срце, слушнеш некоја од овие птици, ќе те разбие и не ќе имаш напредок во текот на годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб.

На Благовец саделе тикви зошто верувале дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи. Во некои краишта, овој ден се поврзува со излегувањето на змиите од дупките при што се верува дека змиите никогаш не касаат на Благовец.

Во Радовишко ако луѓето ја чуеле кукавицата откако нешто ќе каснеле сметале дека тие ја „пребиле“ па три пати ќе и викнеле: „Чух те -пребих те”.

Во Дебарца ако некого го разбила кукавицата на Благовец, тој ѝ враќал на Ѓурѓовден, кога ќе излезел пред сонце над селото и три пати ќе ѝ викнел: „Куку, куку, кукајце, кукајце, ти мене ме разби, сега јас те разбив“.

Во Тетовско и Гевгелиско на овој ден рано наутро на девојчињата им се дупнуваат ушите (додека не јаделе за да не добијат краста) и се ставаат првите обетки.

Кузман Шапкаров забележал дека во Охрид на Благовец саделе тикви, зошто верувале дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи, додека пак Ефтим Спространов забележал дека во Охрид се сметало за греота ако човек не касне риба на тој ден, макар да излижат некоја коска, ама „да се облажет со рибино“.

Воопшто, иако овој празник се наоѓа на крајот од Велигденските пости, на овој ден е дозволено и препорачливо да се јаде рибино месо. Некаде, тоа се правело за здравје, а на други места, сиромашните купувале риба за да си дозволат богата трпеза на овој ден.

Во Виница на овој ден традиционално се одржува фестивал на медот.

(Користени Православен календар и Православна енциклопедија)