Највисока европска престолнина: Андора

0
13

Во котлините на планинскиот масив Пиринеи е сместена минијатурното Кнежевство Андора, со површина од се на се 465. км кв. Главен град е Андора ла Веља (стара) и се наоѓа на 1.029 метри височина. Таа е највисоката европска престолнина.

Кнежевството Андора (каталонски Principat d`Andorra, француски Principaute d`Andorre, шпански Principado de Andorra) е мало кнежевство без излез на море, во југозападна Европа, сместено во источните Пиринеи. Се граничи со Франција и Шпанија. Таа е една од каталонските земји, единствена со целосна независност. Бидејќи оваа држава нема своја сопствена војска, нејзината одбрана е должност на Франција и Шпанија.

Релјефот на Андора се состои главно од планини со просечна височина од 1.997 метри, додека највисок врв е Кома Педроса со 2.946 метри. Планините се разделени со три тесни долини во форма на буквата Y (ипсилон), а тие се спојуваат во една што натаму го следи главниот тек на реката Валира, на нејзиниот пат кон Шпанија (на најниската точка на Андора, на се на се 870 метри надморска височина).

Земјата има вкупно 120.3 км граници, а од нив 56.6 км со Франција и 63.7 км со Шпанија. Патот кон Франција минува низ Л Порт д`Енвалир (2 409 м) и е највисок пат на Пиринеите,  како и највисок европски пат отворен цела година.

Климата на Андора е мошне слична со климатските карактеристиски на нејзините соседи, со тоа што високата надморска височина значи и повеќе снежни врнежи зиме и нешто посвежи лета.

Според една легенда од 11. век, Карло Велики со повелба им доделил земја на Андорците како награда за нивната борба против Маварите. Контролата на територијата преминала во рацете на грофот од Урхел, потоа за неа заеднички се грижеле бискупот на Урхел и семејството Кабое, кое го наследило семејтвото Кастелбо, па грофовите на покраината Фоа. Двајцата владетели (еден световен и друг црковен) често се судирале околу правата на првенство над долината.

Во 1278. година конфликтот е разрешен со воспоставување на поделен суверенитет над Андора помеѓу францускиот гроф на покраината Фоа и бискупот на Урхел од шпанскиот регион Каталонија. Во 1607. година Хенрик IV издал едикт според кој шефот на француската држава и бискупот на Урхел се сопринцови на Андора.

Во периодот помеѓу 1812. и 1814. француското царство ја анектирало Каталонија и ја поделило на четири департменти (Сегре, Тер, Монтсера и Боке д Л`Ебр). Андора е исто така припоена и влегла во составот на еден од нив (Сегр).

На 6. јули 1934. година рускиот авантурист Борис Скосирев се прогласил за кнез на Андора во Урхел и му објавил војна на урхелскиот бискуп. На 20. јули истата година шпанската воена полиција влегла во Андора и го уапсила.

Помеѓу јули 1936. и јуни 1940. еден француски воен одред е упатен во Андора за да го спречи погубното влијание на Шпанската граѓанска војна и Франковата Шпанија. Во јуни 1940. Франција капитулира пред Германија, а претходно-на 25. септември 1939. Андора била принудена да потпише мировна спогодба со Германија зашто никогаш пред тоа не го ратификувала Версајскиот мировен договор, што, во чисто правен поглед, ја оставило во војна со Германија уште од Првата светска војна. Државичката успеала да ја зачува неутралноста во текот на целата Втора светска војна.

Во 1993. година андорскиот политички систем е темелно модернизиран и таа година земјата конечно станува членка на ОН.

Андора има своја вековна традиција на правно уредување. Неа ја управува Генерално собрание составено од 24-ца членови, избрано на општи избори, а на нив право на учество имаат само старешините на семејствата. Таа не е полноправна членка на Европската унија, но со неа има посебни односи- се третира како нејзина членка во производството на добра, но така не се третира во земјоделското производство. Бидејќи Андора нема сопствена валута, ги користи валутите на соседните држави. До 1999. година во употреба беа францускиот франк и шпанската пезета, кои се заменети со еврото.

Во постојните 6 населби живеат околу 74.000 жители (попис од 2004.), од кои домородните Андорци (со каталонско потекло и јазик) се малцинство во својата земја (само 33% или околу 27.000), а најголеми други ентички групи се Шпанците (43% или околу 28.000), потоа Португалците (11% или 8.000) и Французите (7% или 4.800 жители). Има уште и Англичани, Арапи (марокански), Германци, Хиндуси, Такалок (филипински народ), Евреи и околу 2.000 некласифицирани.

Најраширена религија е католицизмот, а писменоста е 100%. Околу 50% училишта се француски, а 50% андорски и шпански, додека со сите управувааат андорските власти. Во државата постојат две средни училишта и еден факултет. Освен каталонскиот (единствен службен јазик), многу често се користат шпанскиот, францускиот и португалскиот.

Природни ресурси на Андора се хидроенергијата, минералната вода, дрвото, железната руда и оловото. Банкарскиот сектор, со статус на даночен рај, исто така значително придонесува во вкупната економија. Земјоделието е прилично ограничено, бидејќи само 2% од земјиштето на државата е обработливо, па храната во најголем дел се увезува. Главна сточарска активност е овчарството. Најмногу се произведуваат цигари, пури и покуќнина. Од 1950. се развиваат туризмот и некои спортови. Туризмот обезбедува околу 80% од вкупниот БДП. Годишно државата ја посетуваат околу 9 милиони туристи, привлечени од богатата зимска и летна понуда. Веќе се афирмирани во светот неколку ски центри, а се развива и трговијата во која најмногу е застапена продажбата во „дјути фри шоп“ продавници. Овој вид трговија го овозможува фактот дека Андора воопшто нема царинска служба, а поради тоа стекна глас на потрошувачки рај.

Андора има мошне богат фолклор и мноштво на народни приказни, чии корени досегнуваат дури во Андалузија и Холандија. Андорската музика попримила многу од соседните земји, но во основа е каталонска. Оваа земја е мошне важна во каталонската култура, зашто изворните Андорци се Каталонци, па претставува важно каталонско културно средиште.

Познати каталонски писатели се Мишел Газиер и Рамон Вилјеро-Андорци.

Андора издава свои поштенски марки, а поштенската служба на нејзина територија ја вршат поштениските управи на соседните земји Франција и Шпанија.

Интересно е дека Република Македонија ги има приближно истите географски широчини на Андора.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion