Си бил еден куменџија многу сиромав. Беше ошол на туѓина за да спечалит пари, да на старост пораат да живеит. Еден ден беше си рекол со умот:

„Ја ај да се прошетам малку по пријатели за да се разгоарам малку, сум ти се запнал на дуќанов, санким веков мене ќе ми го даат, зер кол ќе закачам на овој век јас“.

Така велејќум, и си излегол од дуќан. Дури се поконуштисал со пријателите, за нестреќа негоа, му дошол некој селанин на дуќан со една торба со неколку ќулчиња злато и стребро за да му го продаит; без да го знаит селанецот оти ет злато и стребро. Арно, туку кога нема к`смет куменџијата, го почекал селанецот баеги време и откоа му се здодеало, си тргнал да си оит.

До куменџијата имало еден бакал; го викнал селанецот за да му даит нешто зајре и го прашал што носел во торбата и  што го барал куменџијата. Тој му кажал оти му  носел на куменџијата троа туч и куршум што го нашол во нива кога орал. Откоа го видел бакалот златото и стреброто, му го купил пошто-зашто, чунки и тој не го познаал што ет, та за парите што му `и дал му продал сол, пипер и го испратил.

По некој саат си дошол куменџијата на дуќан и си седнал да чука. Зел бакалот од парчињата и му `и кажал на кјуменџијата да `и види што сет. И зел куменџијата, и удрил на менг-таши. Кога гледат- сафи (само) злато и стребро. Се зачудил куменџијата кога `и видел:

-Море, комшија бре, море ова ет злато и стребро бре, море ами кај го најде бре, ја кажи ми да чујам.

Бакалот му кажал оти еден селанец му `и носел нему, и другото како што било- му кажал сето.

Кога беше чул тие зборои куменџијата, достага му паднало од мака што му било, други укруп (тага) му паднало на срце. Од големата мака и лутина што му дошла, ја клал десната нога на накоалната, та зел големио чекан и мавнал на ногата што да можит, и ја окршил, задека шетал и не дочекал тоа злато и стребро за да се обогатит.

Ете, што ти велат стари: што носит саатот, не носит годината. И оттгогај останало да се велит на тие дуќанџии што не седат на дуќан, да имаат скршена нога ако сакаат да бидат дуќанџии.

(Зап. Марко К. Цепенков)

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion