Судбината се разбира како „вкупност од настани што му се случуваат на човекот, ако тие без негова волја и можности се променат, а имаат често трагично, кобно значење за целиот негов живот”.
Поимот на судбината во поширока смисла понекогаш го означува и животниот тек, историјата на некој човек, на некој народ одреден за некоја цел односно исполнување на животна мисија.
Судбината има и друг назив: фатум-коб, лоша среќа, несреќа; фатален-судбоносен. Фатализам е верување во судбина, препуштање на судбината.
Не верувам во судбина. Затоа што не дозволувам некој да ми ја крои сегашноста, уште помалку иднината. Сѐ е во мои раце, сѐ предвидено, па и она што евентуално ќе ме начека го разбирам како лична неподготвеност, недомисленост; дека не сум успеал да го предвидам. Нема ништо судбинско ниту во животот, ниту во она што него го негира или препознава.
Др. Душан Пајин, професор по филозофија на уметноста и естетиката на Универзитетот на уметноста во Белград, во книгата „Отелотворување и избавување” посочува на митот за Едип:
„Судбината на Едип и неговите родители не е одредена со пророштвото, туку со базичниот егоизам.
И Едип и Лај, водени од својот егоизам, постапувале така како последиците да го исполниле пророштвото кое-делумно-обајцата го сознале однапред.
Исплашен од пророштвото, Лај штотуку родениот Едип го оставил во планините да умре-бидејќи тоа не се случило, кога подоцна тие двајца се сретнале се судриле како двајца странци. Ако не се исплашил за сопствениот живот, Лај би ја победил судбината. Нивната средба (на татко и син) во клисурата е опишана како судир на две надмености-одбивање на другиот да му се тргне од патот.
Во тој час обајцата можеле да ја победат судбината, но сопствената надменост е извршител на пророштвото-дури и еден од нив тоа можел да го стори за обајцата!
Оттука Едиповиот комплекс не е општо-човечки во смисла на потајна желба да се убие таткото и да се присвои неговата власт, имотот и жената, туку е тој општо-човечки како базичен егоизам, за кого противникот може да биде не само таткото, туку и синот и целиот свет.
Најтрагичниот лик на тој триплет е Јокаста, која е губитник без видлива вина“.
Современиот македонски поет Богомил Ѓузел има една песна токму со наслов „Судбина”, за можноста таа да се совлада:
На зарамнето место фрли три каменчиња
можеш да одбереш само едно
го земаш најблескавото, кога-
тоа да ти било коска од предокот
зарче изгланцано до толку што колку
и да го фрлаш се покажува секогаш себе-постојана нула
сега би сакал да ги видиш пак другине две камчиња
се враќаш на плажата но тие веќе се помешале
со безбројното мноштво
од безличниот грагор
земи било кои од нив-
твојата единствена сопственост
и оживи ги ако можеш
во свои сопствени јајца.