Потребно време за читање: 4 минути

Освен што не донесе поголеми изненадувања, годинашново доделување на наградите на Американската филмска академија според многумина потврди дека веќе го изгуби сјајот на врвна и неприкосновена вреднувачка и славеничка манифестација.

Таа тешко може да се брани како вреднувачка, зашто остануваат настрана многу други „елементи“ на филмската уметност без кои е незамисливо нејзиното создавање, а од друга страна е се поголема дискрепанцијата помеѓу номинирањето и наградувањето.

Големи забелешки се упатуваат и на славеништвото, сјајот или, најпрецизно, церемонијалот на доделување на Оскарите. Тој е до таа мера здодевен што се чини дека му нема спас, и покрај очигледните обиди на организаторите нешто да „спасат“.

Годинашнава манифестација многумина ја оценуваат како најздодевна, која заврши со предвидливи награди. Младите водители, Ен Хатавеј и Џејмс Франко, очигледно биле избрани само за да привлечат помлади гледачи, а не оти се искусни во водење на големи приредби или се брзи на јазик.

За оние што не гледаа на ТВ:

Се започна со еден од скечевите на кои луѓе им се смеат само од пристојност, а врв на вечерта веројатно беше моментот кога на сцената како презентер се појави легендарниот водител на Оскарите, Били Кристал. Му се поклони не само Ен Хатавеј, туку станаа сите во халата веројатно, како што некои коментираа, прашувајќи се како би изгледала оваа церемонија да ја водеше тој духовит глумец.

Некој забележа дека ако една од добитничките ни малку дамски не опцу, ова доделување на Оскарите ќе се паметеше само според очекуваниот триумф на филмот „Кралски говор“.

Можеби „највпечатливото“: како еден од првите презентери, остарениот Кирк Даглас нешто мрмореше, одвај разбирливо, па беше тажно да се гледа, а предизвика смеење со толку големото одолговлекување со прогласувањето на добитничката. Оскарот за споредна улога и го врачи на Мелиса Лео која изјави: „ Кога ја гледав Кејт Винслет пред две години, ми изгледаше дека е тоа ебено лесно…“ По тој збор на „е“ ја покри устата, но веќе беше доцна- Америка доби нов „скандал“ со кој ќе се занимава извесно време.

Прочитај и за ... >>  „Нестандардни“ настани во светот

„Дивиот“ глумец Кристијан Бејл се пошегува при заблагодарувањето дека нема да го употреби тој збор, кога веќе многу го користел порано (скандалот со бесниот испад), а добитникот на Оскар за сценарио Дејвид Сеидлер и се заблагодари на Кралицата оти нема да го фрли во зандана поради пцуењето во „Кралскиот говор“ и им го посвети Оксар на сите што пелтечат.

Овој филм ги освои и гласачите на Академијата, па доби 4 Оскари- за најдобар филм, режисер, оригинално сценарио и главен глумец. Интересно е дека ист број на мали кипови има и запоставениот „Почеток“, кој ги освои техничките награди- за фотографија, визуелни ефекти, монтажа и микс на звукот. Еден од најголемите фаворити за главни награди, „Социјална мрежа“, освои награда во неколку категории во кои тој филм беше супериорен- адаптирано сценарио, монтажа и музика.

Наградениот филм- историска драма на Том Хупер, беше номиниран во 12 категории. Тоа е приказна за монархот кој успева да го совлада пелтечењето со помош на неортодоксни методи на еден глумец кому тоа му станува животна улога. Извонредниот Колин Фирт беше фаворит од самиот почеток.

Немаше изненадување ниту во женската категорија. Оскар освои Натали Портман за улогата на параноична балерина во „Црниот лебед“ на Дарен Аронофски. Оскар за епизодна улога и во машка и во женска конкуренција отиде во рацете на глумци од спортската драма „Боксер“ на Дејвид О. Расел, Кристијан Бејл и Мелиса Лео.

Прочитај и за ... >>  Прва глобална конференција на Обединатата македонска дијаспора

Вториот голем фаворит освен „Кралски говор“, филмската приказна за настанувањето на Фејсбук, „Социјална мрежа“ на Дејвид Финчер, мораше да се задоволи со веќе спомнатите 4 технички награди, а најголем губитник на вечерта е авантуристичкиот вестерн на браќата Коен „Човекот наречен храброст“, со Џеф Бирџис во главна улога, кој и покрај 10-те номинации и извонредни критики си „замина“ со празни раце.

Оскарот за најдобар странски филм го доби данското остварување „Во подобриот свет“ на Сузана Бир, додека „Приказна за играчките 3“ е награден во категоријата најдобар анимиран филм, што е четврти Оскар на ред за студиото Пиксар. Симпатичниот филм доби и Оскар за најдобра оригинална песна. „Алиса во земјата на чудата“ на Тим Бартон, кој ја освои првата статуетка на вечерта за најдобра сценографија, освои и Оскар за најдобар костум, а психолошкиот, научно- фантастичниот трилер „Почеток“ на Кристофер Нолан доби 4 технички награди (за камера, монтажа на звукот, микс на звукот и визуелни ефекти).

Оскар во категороијата краток и документарен филм освоија „Strangers No More’“ на Карен Гудман и Кирк Сајмон, односно „Inside Job’“ на Чарлс Фергусон и Одри Марс.

Потсетување: наградата Оскар, во 24 катеогрии, се доделува од 1929. година, а во изминатите 83 години се забележани безброј „мали и големи нешта“. Еве еден мал избор на занимливости што го направиле новинари на Cinematical:

„Крал на Оскарите “ е „Господар на прстените: Враќањето на кралот“, кој освои 11 од 11 награди за кои беше номиниран. Помеѓу „100- настотните победници“ се и „Гиги“ и „Последниот кинески цар“ (9 од 9), како и „Се случи една ноќ“ (5 од 5).

Прочитај и за ... >>  Очекувана, а сепак топ вест: уапсен Ратко Младиќ

Само 3 филма успеале да ги освојат сите 5 главни награди (за најдобар филм, режисер, сценарио, глумец и глумица): „Се случи една ноќ“, „Лет над кукавичкото гнездо“ и „Кога јагнињата ќе стивнат“.

Обично филмовите кои освојуваат Оскар за најдобар филм освојуваат и други Оскари. Пред 8 децении само „The Broadway Melody“ (1929.) и „Гранд Хотел“ (1932.) освоија Оскар за филм и ништо повеќе.

„Кабаре“ освои 8 од 10 номинации- но не доби Оскар за најдобар филм и адаптирано сценарио, зашто во обете категории победи „Кум“.

Помеѓу добитниците на 1 Оскар се и неколку големи „губитници“- „Бекет“ и „Џони Белинда“ освоија само 1 од 12 номинации, а „Кинески кварт“, „Господин Смит оди во Вашингтон“ и „Гордоста на Јенките“ 1 од 11 номинации.

Покојниот Џон Казар (Фредо Корлеоне од „Кум“) глумеше во само 5 долгометражни филмови, а сите биле номинирани за најдобар филм. „Ловец на елени“, „Кум“ и „Кум 2“ го добија својот главен Оскар, а „Прислушување“ и „Песјо попладне“ не. Казал никогаш не доби глумечка номинација.

Рекордерка според бројот на глумечки номинации е Мерил Стрип- вкупнол 16 номинации, и „само“ 2 Оскара- за „Крамер против Крамер“ и „Изборот на Софија“.

Композиторот Џон Вилијамс е номиниран 45 пати, а освои 5 златни статуетки, додека костимографката Едит Хед беше успешна во 8 од 35 номинации.

Најголем лузер: Кевин О`Конел! Тој е еден од најугледните миксери на звук, но нема освоено ниедна од вкупно 2о номинации.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here