Потребно време за читање: 4 минути

Кое е официјалното образложение на одлуката на Советот за безбедност на ОН за напади врз Либија?Да се прекине насилството во оваа северноафриканска земја, да се спречи хуманитарна криза, да се поддржи хуманитраната помош и да се заштитат либиските цивили. Но во воздушните напади, освен воениот арсенал на Гадафи, страда токму цивилното население (стотици жртви)!

А „неофицијалната“ цел? Засега само воздржаност и претпоставки на воените аналитичари и експертите: спречување на нова светска економска криза со енормното, голипарчко зголемување на цената на нафтата, односно продолжување на нејзиното скорешно исцрпување (некои проценуваат дека ќе ја нема по 20-тина години). Се шпекулира и со стратегија, односно ставови на САД изнесени уште во 2000 година.

Недвојбено е стравувањето дека оваа војна нема да трае само неколку дена, дека бомбардирањето на стратешки цели во Либија, пред се обезбедување на зона на забранети летови, ќе се прошири. На тоа упатува вториот бран напади извршен денеска изутрина, но и (засега) решителниот одговор, всушност закана на Гадафи дека ова ќе биде долга исцрпувачка војна. Тој итно изврши целосно вооружување на цивилите. По првите бомбардирања неговите сили со тенкови влегоа во центарот на Мисрата, се водеа улични борби, а претставник на бунтовниците изјави дека имало многу жртви.

Да потсетам, на однапред договорената- подготвената воена интервенција на западните сили не помогна ниту одлуката на либиската Влада за прекин на сите воени операции. Во Советот за безбедност Франција и Велика Британија, најсилни во кампањата за меѓународна интервенција, оценија дека, доколку иницијативата на Гадафи е искрена, треба веднаш да се започне со планирање на иднината на земјата. Се разбира, не беше само стравување дека Гадафи купува време во обид да ги преорганизира трупите.

Целта на денешните напади е либиската противвоздушна одбрана и оневозможување на либиските авиони да патролираат на небото, како и да се сопре напредувањето на силите лојални на Гадафи кон бунтовничкото упориште, градот Бенгази. Според агенцијата Ројтерес, авионите на САД, Велика Британија, Италија, Франција и Канада извршија бомбардирања со образложение дека акцијата ќе продолжи.

Прочитај и за ... >>  За сиромаштијата во ЕУ

Британското министерство за одбрана соопшти дека нивна подморница доцна синоќа испукала ракети „томахавк“ како дел од вториот бран во примената на Резолуцијата 1973 на Обединетите нации. Во саботата и неделата вечерта американски и британски воени бродови и подморници испукаа 110 „томахавк“ ракети.

Почна и медиумската кампања на Гадафи против „непријатната страна“ на бомбардирањето: доцна синоќа либиски официјални лица прошетале западни новинари во резиденцијата на Гадафи во Триполи за да го видат местото на ракетниот напад. Во силна експлозија е збришана една четирикатна зграда до резиденцијалниот комплекс на Гадафи во Триполи. На неа има две огромни дупки од крстосувачки ракети, се наоѓа на само педесетина метри од шаторот во кој Гадафи обично ги примал гостите. Потоа уследи изјава на портпаролот на либиската влада Муса Ибрахим:

„Тоа е варварско бомбардирање. Тоа е спротивно на изјавите на западните сили – дека тоа не е цел на нивниот напад“.

Либиската државна телевизија тврди дека во вчерашната акција на западот загинале 48-мина луѓе, додека 150-мина се повредени. Според информации на американското министерство за одбрана, биле испукани повеќе од 110 ракети. Цел биле околу 20 воени објекти. Биле вклучени и невидливите американски бомбардери Б2 кои извршиле напад врз воена база.

Агенциите наведуваат дека е во тек офанзива на бунтовниците во градот Ал Завитина, јужно од Бенгази, а на запад, во градот Мисрата влегле силите на Гадафи со тенкови откако во саботата е погодена воена база.

Во меѓувреме, вистинската цел на акцијата на западните земји ја „откри“ министерот за надворешни работи на Франција, Ален Жипе:

„Во резолуцијата на Советот за безбедност, во која е одобрена употребата на сила, не е наведено дека Гадафи треба да замине, но е јасно дека целта на сето ова е на либисклиот народ да му се дозволи да избере кој ќе владее со него“.

Прочитај и за ... >>  Ново 64-то издание на Канскиот филмски фестивал

Како што пренесе агенцијата Франс Прес, иако американскиот претседател Барак Обама користеше одмерени зборови, повикувајќи се на „ограничена воена акција“ и „заштита на цивилите во Либија“, нема никакво сомнение дека целта е уривање на Гадафи, кој во Либија е на власт повеќе од 40 години.

Во најновата вест на американската телевизиска мрежа CBS се тврди дека во ноќта помеѓу саботата и неделата авиони на сојузничките сили двапати го надлетале Триполи за да исфрлат бомби. Во акциите учествувале и ти. „невидливи“ бомбардери „Б-2“, кои извеле напад на една од главните либиски воздушни бази, врз која биле фрлени 40 бомби. Целта била да се уништи голем дел од либиската авијација. Наводно, во еден момент авиони се појавиле и над резиденцијата на Гадафи.

Заканите на Гадафи: тој ќе води „долга војна“ против меѓународните воени сили, нема да попушти во акцијата на истокот на Либија против бунтовниците, кој го држат источниот град Бенгази, а на сите Либијци им ги отворил складиштата со оружје и сега сите се опремени со автоматско оружје, минофрлачи и бомби. Изјави:

„Ви ветувам долга војна. Ние сме победници, вие сте победени. Ние нема да се повлечеме од военото поле, зашто ќе ги браниме својата земја и својата чест. Вашите напади се нов хитлеризам“.

Според проценки на воени стручњаци, војната во Либија ќе трае онолку колку што Гадафи може да издржи. Акцијата ја споредуваат со оние во Ирак во 1991. и 2003. или, пак, со онаа во Србија во 1999. година. Сепак, сметаат дека таа ќе биде пократка.

Не е само претседателот на Венецуела тој што тврди дека меѓународната воена интервенција е всушност насочена спрема либиската нафта. Тој интерес е многу поширок, а го потврдува острата позиција на Париз и Лондон.

Прочитај и за ... >>  Со посета на Турција Барак Обама ја завршува својата успешна европска турнеја

Изјава на директорот на Центарот за споредбени политички истражувања на Русија, Борис Шмељов, за „Гласот на Русија“:

„Американски генерали му објаснија на претседателот дека какви било дејства против Либија ќе значат војна. А трета војна, по Ирак и Авганистан, САД повеќе не ќе можат да поднесат. Затоа Вашингтон ги користи своите сојузници од НАТО. Освен тоа, кои било воени мерки против Либија ќе доведат до заострување на односите со целиот исламски свет, за што САД се крајно заинтересирани“.

Арапскиот свет веќе остро го осуди бомбардирањето на Либија.

Како што коментира „Гласот на Русија“, според мислењето на експертите загатката е проста: Лондон и Париз ги интересира пред се нафтата. Во свое време британските и француските компании не добија широк пристап кон експлоатација на нафтените и гасните наоѓалишта во Либија. А сега тие видоа можност Гадафи да се замени со раководител кого ќе можат полесно да го убедат. Самиот Гадафи изјави дека Западот повеќе нема да види либиска нафта. Исклучок направи само за Германија, а има(ше) намера во иднина да склопи договори само со руски, кинески и индиски фирми. Притоа ги предупреди европските земји дека во случај на доаѓање на власт на екстремисти во Либија, регионот на Средоземното море ќе потоне во хаос, а во Европа ќе тргнат милиони имигранти од Африка.

Што се однесува на спомнатата стратегија на почетокот на овој текст, односно ставовите на САД изнесени уште во 2000 година, некои се потсетија на едно писмо на Вили Вимер, тогашен претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, до Герхард Шредер, тогашен германски канцелар, во кое детално се опишуваат причините за бомбардирањето на тогашна СРЈ, односите на САД со Европа и независните држави, како и натамошната политика на САД. Меѓу другото, се потенцира:

„Силата има да стои над правото. Таму кај што меѓународното право стои на патот, треба да се отстрани“.

Претходен написРеално: предвремени парламентарни избори во Македонија пред почетокот на годинашново лето
Следен напис„Незгодна“ ситуација

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here