Потребно време за читање: < 1 минута

39. Касмет-Среќа

Ќе имаме ли касмет ова што е да не трае долго-предолго и ко луѓе светски да си поживееме? Кој не дава таква среќа и убавина да нè најде, ами животецов ни го скусува со неразбраност, неумност, неукост, итроштини? Знаеме кој, ама ко да не знаеме зошто и натаму прифаќаме да си тргаме маки со него и со таквите ко него. Што не го удриме клоци, па исклоцани да не му се најдат на пат на никому од нас? Ние светски, а тие белосветски да станат ако не станале?

Се знае зошто: среќата со пари не се купува, а саде пари се вртат пред нас и околу нас. Дури прифативме дека парата дупи и кај бургија не дупи.

Среќата се бара цел живот, а се наоѓа само еднаш. Вистина?

Не ќе е баш.

Прво, тешко нам ако ја бараме цел живот, па ни мине не најдувајќи ја. Да, разбираме, таа не е една, ами се состои од многу исти и различни, а ја наоѓаме еднаш најголемата.

Прочитај и за ... >>  ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 35

Второ, што е со оној кој не ја бара, туку чека таа него да го најде? Нема да дочека? Ами „моите пет минути“?

Вака ќе речам јас по сè мудро што за неа рекле други:

Среќен е оној што ја избрал среќата да биде негова придружничка дури е жив. И ја прибрал во себе.