Потребно време за читање: 4 минути

43.

Од животните судбини на синовите на Сон-Трајан, Стефан и Војдан, и на неговите ќерки Изгора и Каја, рожби израснати, одгледани, созреани и осамостоени со Трајанка, на Изгора е без сомнение најтешка, најмачна, во најголема мера најтрагична. А остави можеби најдлабок печат врз личната одговорност на Сон како глава на семејството, и тоа како една од најголемите доблести. Зошто најдлабок врз неа? Едноставно, затоа што станува збор за нејзино ненадејно и збунувачко исчезнување. На неполни деветнаесет години. Одговорност како доблест, преземена, самообвинувачка? Или грижа на совеста? Воопшто е во врска со неа, но не беше со неговата сѐ до смртта. Уште ако се имаат на ум раселувањето на семејството од Рожден на сите страни на светот по смртта на неговата Трајанка, на свои не докрај доживеани четириесет и три години, како и неговата самост и смртта на Кожуф, во една трошна куќарка длабоко в шума…

Цели четириесет и една година, откако Трајанка го остави сам да ги дораснува и дозрева петте рожби, Сон до премалување на снагата успеваше и успеа без ничија помош да им пружа спокојно, игриво, еднакво весело, еднакво обврзувачко детство, младештво, па брачна и семејна хармонија. Над сѐ познавање и знаење, со постојано надградување, на родната грутка и на своите корени во неа. Повторувајќи за да не заборават:

„Секој лично е одговорен за чување на плодноста на својата родна грутка. Да не дозволи никој да ја испости, во пустелија да ја престори. И со свое семе да ја плоди. Сеедно каде животот ќе ве одведе…Бидете заедно, без оглед дали и колку ќе бидете разделени, оддалечени едни од други“.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Се надеваше дека ќе го паметат тоа и нема да го изневерат. Му олеснуваше дека годините помеѓу нив, од првиот, Трајан, до последната, Каја, и на другите помеѓу нив беа малку. Се изродија речиси година за година. Но многу повеќе оти растеа и созреваа заедно, а се раселија на сите страни на светот како зрели, самобитни, самосвесни.

Ги собираше навечер околу домашното огниште и им мудруваше за одговорноста како доблест:

„Таа отсекогаш била и ќе биде секогаш само лична. Во ниедна ситуација или состојба не може да биде заедничка односно споделена, освен ако не е конкретизирана. Таквата, пак, не е одговорност, туку распределена обврска, поделени задолженија или договорено постепено реализирање на процес на производство односно изработка. А и да се третира така што било од тоа, тогаш таа одговорност не е доблест, туку наметнување. Вие морате во каква било ситуација во која ќе се најдете во животот или во состојба во која ќе се најдете некое време да бидете лично одговорни. И со одговорноста доблесни“.

Притоа не забораваше да им нагласи:

„Сите сте лично одговорни за одржувањето на огнот во нашево домашно огниште. Ако тоа ни угасне поради чија било неодговорност, тоа ќе значи дека јас сум лично одговорен оти не сум ви ги пренел неговото значење, неговата сила, неговата обединувачка моќ и вкоренувањето на нашите корени во него“.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Трајан, Стефан, Војдан и Каја постепено, кој сам, кој со семејство се раселија на сите страни на светот дури тој беше сѐ уште на нозе, тринаесет години до деведесетата, до смртта. На иста возраст како брат му Бриг. А Изгора…

Животната судбина на Изгора за Сон беше, е без сомнение најтешка, најмачна, во најголема мера најтрагична. Беше до крајот на животот, е и во смртта како живот. Нему му остави не можеби, туку без сомнение најдлабок печат врз неговата, личната одговорност. Не само како глава на семејството, туку многу повеќе како човек со големо животно искуство, со многу поминати и надминати премрежија. Нејзиното ненадејно и збунувачко исчезнување на неполни деветнаесет години му остави длабока лузна на лицето. Со време тоа толку му се набрчка што едвај се препознаваше себеси во огледало. И трајно му го наруши здравјето. Беше само три месеци постара од Каја, а исчезна не дочекувајќи го почетокот на иселувањата од Рожден и раселувањата низ светот.

Како таа исчезна ненадејно и збунувачки?

Изгора беше прекрасна девојка. Синоока, русокоса, румена, висока, стројна. Сакана и посакувана. Покажуваше жив интерес за археологијата, особено за античкиот период на Македонија. Од најрани години во лето им се придружуваше на археолозите што ги истражуваа локалитетите на најголмиот антички град Идомена и градовите Гординија и Исарот, на Кожуф, планината на џиновите со многу врвови, од кои за неа најголем предизвик ѝ беше искачувањето на Ѕена. Го искачи? Не знае никој, ни Сон.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Некои во Рожден и околните села тврдат дека Изгора исчезнала во една есен, по завршување на летните ископувања на Градиште, на античкиот град Аударист или Еурист, на неговата јужна падина. Всушност, варовнички рид над Раечка река, два ипол километри од Дреново. Последен пат е видена во месноста Град-Тиквеш, осумдесет метри високиот куп над устието на Тиквешка Река во Црна, два километра западно од Ресава; на местото каде што е откриена акропола. Едни прикажуваат дека во групата археолози имало некое момче во кое таа се вљубила, а љубовта толку силно им се распламтила што решиле да тргнат по свој заеднички пат, притоа не јавувајќи се никому, дури ни Изгора на татко ѝ Сон. Други, пак, тврдеа дека не исчезнала, туку оти открила и тргнала по некоја трага кон древното минато на Македонците. Колку што ја познаваше нејзината лична одговорност, и тој беше убеден дека еден ден ќерка му ќе се врати, ќе се појави на прагот на нивното семејно живеалиште.

Како и да е, Изгора исчезна ненадејно и збунувачки, а одговорноста како доблест во Сон сѐ повеќе стануваше самообвинувачка, сѐ повеќе се престоруваше во грижа на совеста. Но не се престори сосем во неговата самост сѐ до смртта.

Сон беше најден мртов веќе четири дена на Кожуф, во една трошна куќарка длабоко в шума. Изгора ја виделе крај него, како самовила со расплакано лице.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here