Потребно време за читање: 3 минути

16.

На Ма ѝ остана прилично неразбирлив односот на Сонцева спрема брат ѝ Темелин и сестра ѝ Огнена. Како Искра, Астрал и Извор, и таа доцна узна дека не се нејзина рожба со Светол, ниту некогаш ѝ се роди некаков, макар најмал сомнеж. Додека растеа и созреваа со ништо и според ништо не беа поинакви, изделени. За нив беа нивни деца, како родители правеа сѐ безгрижностите, радостите, игрите и палавостите да им бидат заеднички. Дури и кога созреаја и зачекорија по животната врвица на самостојноста, без оглед на пројавените разлики во живеачката и светогледот. И тогаш нивните односи беа, оттогаш останаа како нераскинливи. Дури откако ѝ откри Сонцева…

Тоа не може да се назначи како нејзина тајна, сокриен дел од нејзиниот интимен свет, ниту на Светол. Обајцата кон обајцата имаа иста љубов, искажуваа исти чувства, им беа подеднакво сакани и одгледувани како другите. Едноставно, спрема нив се однесуваа како спрема другите нивни деца. А откако таа им откри дека не се од Светол, Ма ја убеди дека е тоа нејзина мајчинска љубов, Темелин и Огнена нему искрено, од срце му искажаа благодарност оти ги имал, ги има како свои, ги сакал и ги сака со иста сила, внимание и грижа.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Откога Сонцева се пресели на левиот брег на Длабоката река, во приземната куќа во населбата Коренов живот, со мал цветен двор и овоштарник на источната страна, Ма најчесто ја посетуваше одвреме-навреме. Поретко Астрал и Искра, а најретко Извор. Ма со неа ја бранеше светлината во рамновесие со темнината, неретко заедно му ги отвораа вратите и прозорците на сонцето од изгрев до залез, го внесуваа во срцата и дишењата спокојот на ноќта, ѕвездите и месечината од квечер до зорење на зората. Со Сонцева ја споделуваше и љубовта спрема цвеќињата. Во куќата и околу неа одгледуваа безброј, секакви, а не дозволуваа никое никогаш да им овене или да им се исуши.

Мошне често, речиси неизоставно им беше навраќањето на спомените на заедничките времиња со Светол.

Ма:

-Татко ми нѐ сакаше сите подеднакво. Со иста сила, внимание и грижа. Никој од нас не му беше пред сите. Дури ни ти, мајко Сонцева. И денес, од денот кога нѐ напушти ненадејно, без никакво предвестување, непреболот ми е ист, немерлив.

Сонцева:

-И мојот, ќерко моја. И мојот. Во животот не запознав ниеден друг како него. Михаил беше сосем различен. Беше бескрајно внимателен, нежен, постојан, достоинствен. Да, и убав. Беше многу убав маж. Строен, со гордо исправено тело. Да, и страстен. Јас му бев светлина, сончевина, зора, росно цвеќе. „Ти си мојот пристан“, ми велеше често, но тоа никогаш не го објаснуваше, не го образложуваше, ниту се обидуваше да го продолжи како посебно мигновено доживување.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Ма:

-Мамо, ми кажа дека Темелин и Огнена не ти се со него, туку по искри со само тебе знаен, а тој ги прифати како свои, како сите нас. Им кажа и ним пред да заминат далеку од нас?

Сонцева:

-Не, не е тој моја тајна. Светол го знаеше не само од моите кажувања. Го запозна во театар, во пауза помеѓу два чина на претставата „Галеб“ од Чехов. Љубезно и со заемна почит разменија свои стојалишта за неа. Разбирливо, остана на тоа, а јас прекинав какви било контакти со него. Искрено, тоа меѓу нас не беше љубов. Беа само две страсни искри помеѓу двајца пријатели, повеќе познајници кои случајно беа заедно на семинар за геолошки истражувања на минерални суровини; сместени во ист хотел, апартман до апартман. Павле е познат и признат геолог, истражувач на ретки минерали, со неколку објавени научни студии за лорандитот. Очекувано, можеби неодминливо. Авантура? Две, ненадејни, со подолга временска пауза. Со страсна предаденост и професионална близост. Од првата, што се случи помеѓу родени ти и Искра, се зачна Темелин и јас по никоја цена не сакав да го отфрлам. Решив да го родам без негово знаење, а му кажав на Светол со сиот ризик да не се разбереме и да се разделиме. Тој го прифати како наша рожба, со радост како да е од негово семе. Сосем исто се случи и со Огнена, по Извор.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Ма:

-А зошто криеше толку време од сите нас и од нив? Чекаше да созрееме или…?

Сонцева:

-Нема или. Не ми даваше Светол. Беше убеден дека ако знаевте сите неминовно ќе се случеше радикална промена на односите, можеби и меѓусебно разделување и оддалечување. А зошто тоа?

Сонцева им кажа на сите за Темелин и Огнена кога тие на заеднички саботен ручек соопштија дека решиле да заминат во странство; да се иселат, да се вдомат во Канада. Немаат никаква перспектива како независни, слободоумни и творечки личности во оваа целосно партизирана и политикантска држава, во која велепредавничката власт изврши класичен геноцид и етноцид врз македонскиот народ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here