Потребно време за читање: < 1 минута

33. Жар и пепел

Нема уште долго да издржи
жар во огниште камено
среде полноќна жега
под ѕвездена тишина
под тишина месечева
ограден со пепел дамнешен
и скорашен
од човек кој веќе не се гледа
себеси во овој самотен свет
нема да издржи жарот
барем до утрото на нов ден
да не пеплоса
па потоа на сончевина
да продолжи да живее
пак одморајќи се
за до полноќна жега
да се распали огон
во телото во коските
во крвта во срцето на човек
кој веќе не се гледа себеси
во овој самотен свет
нему жарот и пепелта
му се гледаат како тајно
договорени против него
да му ја одземат силата
што никогаш да не може
да заспие и да сони љубов
неугаслива
со која ќе распали нов огон
зашто уште не е крајно време
он човек од сите заборавен
од сите дамна умрен
пеплосан да пеплоса.