Потребно време за читање: < 1 минута

26. Кому било добро утро

Гледам и чувствувам
дека уште од синоќа
стои една личотија
како моја сенка
до река, под дрво
пресечено од молња;
ме потсеќа
на непреболна жена
со мисла за љубов,
во жалост, во болка
длабоко в срце,
со спокојно лице
и со паметење
на наши ноќни страсти.

Ќе да личи на онаа на ѕидот 
спроти живот и смрт, 
во сонце, па во темен облак,
со која сум бил
пред којзнае колку века
сосе немир на уметник,
цртач на портрети со јаглен.

Во мојата сенка
досега не влегол никој
за да ми порача
дека последниот издив
во крвта
мора да се брани мигум,
постојано, упорито
од зраци до длабоки рани,
од ветришта в луњи.

А сега стои таа личотија
пред мене,
таа непреболна жена
со мисла за љубов,
во жалост, во болка
длабоко в срце,
со плод и оган
од многу години
голи, боси,
безидејни, бесцелни.

Прочитај и за ... >>  НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Одамна знам дека реката 
со дрво пресечено од молња
втекува во длабоко
брановито море.

И одамна знам
дека некогаш во нечие утро 
за кому било добро утро
сигурно ќе успее 
да го однесе во неврат, 
сосе немирот за сѐ што било
и за сѐ што не било
од мене до неа,
во мојата сенка.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here