Потребно време за читање: 2 минути

29. Заткулисно

Тој најмногу се труди навремено да им ги открие заткулисните игри, намери и цели на оние што се со него божем подржувајќи го, помагајќи му или споделувајќи негови проблеми поврзани со личната егзистенција. Троши најмногу енергија, до истоштување, ама најчесто неуспешно, залудно. Дури и кога ќе им ги открие, ќе им ги изнареди пред кулисите. Тие секогаш на сцената на животот се во маски, облечени во шарени облеки како кловновски и претесни оти им ги скроиле и сошиле ним туѓински кројачи и шивачи.

Негов најголем проблем во откривањето на заткулисните игри, намери и цели му е тоа што станува збор за една секогаш иста претстава:

Маскирана, а безлична толпа слуша предводник на говорница. Одвреме-навреме му ракоплеска и извикува „Браво!“, „Така е!“. Тој зборува брзо, речиси вика, напати вреска, па замолчува, здивнува и продолжува. Најмногу од кажувањето му е неразбирливо, неповрзано, необмислено. Речиси без исклучок се однесува на денешната политичко-безбедносна ситуација и утрешната светла перспектива на општството. Притоа постојано повторува, како да поентира: „Човекот е во центарот на нашето внимание, неговата лична егзистенција наш приоритет“.

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Заткулисните игри, намери и цели се не само за него или во врска со него, туку за сите творечки личности кои напросто не прифаќаат да станат дел од која било и чија било безлична толпа. Особено не да ги предводи некој што според ништо не е еднаков со нив. За него, пак, беа пред сѐ затоа што го сметаа за еден од првите и највлијателните, секогаш најистакнат кога повеќемина ќе се соберат во одбрана на личното достоинство, слободата на мислата и зборот, почитувањето, признавањето и вреднувањето на стојностите.

Последната заткулисна игра, намера и цел што успеа да им ја открие на своите божемни подржувачи, помагачи односно споделувачи на неговите проблеми поврзани со личната егзистенција, им ги откри и им ги изнареди пред кулисите, беше пред некој ден во Куклениот театар, во претстава со марионети затскриени зад безлични маски. Со многу мали и големи кулиси, како расфрлани на сцената, секоја со своја функција и содржина.

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Предводникот на говорницата вообичаено зборуваше брзо, речиси викаше, напати врескаше, па замолчуваше, здивнуваше и продолжуваше. За повеќето од марионетите беше неразбирливо, неповрзано, необмислено. Оценувајќи ја денешната политичко-безбедносна ситуација како сериозна, во некои сегменти дури драматична, а утрешната светла перспектива на општството зависи од изборот помеѓу независност и разнебитување, тој постојано повторуваше, како да поентираше: „Делата на нашите творци се наша афирмација во светот на вредностите и потврда на нашиот континуиран опстој на овие простори, Затоа наш приоритет е нивната лична егзистенција да не биде од ништо загрозена во ниеден момент“.

Тој отиде зад сцената и ги испокрши на ситни парчиња сите кулиси-огледала за следниот чин. Во кој предводникот и толпата од марионети со безлични маски треба да слават победа на избори за народни пратеници.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here