Потребно време за читање: 2 минути

Нешто како кулминација

Влегуваше во Морето намислен во она што мораше да го одгатне: како тоа сонцето му ги пробива зениците и никако не може да стане. Беше ставил камен на градите за да не заспие оти случајот треба да се искористи. Се разбира, друго е прашањето колку е тоа случај, а колку намерен настан.

Запре да одмери до каде му е сенката. Не смее да ја дели ако е подолга од онаа на пладне.

Таа дојде и седна до него.

Како тоа сонцето ти ги пробива зениците?, го праша.

Тоа добро го измислив, нели. Подоцна ќе видиш зошто, одговори.

Таа вечер уличните светилки не беа запалени. Тоа се случуваше многу ретко и никој не излегуваше од дома поради некаков страв од сопствената сенка. Ако ја следат по ѕидовите. Тогаш никој не излегуваше од дома и тоа беше само нужно.

Улицата беше темна таа вечер. Тој внимаваше на сè. Запре пред една стара напуштена куќа. Погледна околу себе, да не го гледаат, и се сокри под скалите.

Прочитај и за ... >>  Всушност, која ти е целта?

Таа вечер уличните светилки не беа запалени, а тој мораше да излезе и да влезе во старата напуштена куќа. Запре пред единствениот прозорец. Ја мереше пајажината. Ја споредуваше со темнината околу него. Ќе може ли цела да го заврзе? Тој потоа почна да се брани, да ја кине. Но беше голема, огромна, та долго не можеше да ја совлада, да се ослободи од неа.

Можам ли јас да бидам пајажина? Можам само ако посакам, помисли миговно и се насмеа на таквата помисла.

Кога ја измери и ја спореди со темнината, наеднаш слушна пукот со продолжено ехо. Почувствува болка во градите! Можеше да претпостави дека може да се случи.

Му го виде лицето додека паѓаше бавно, но доволно бавно за да го догледа дека се смее. Имаше четири лузни на лицето и чудна светлина во очите. Како одмазда! Како сонце да му ги пробило зениците, се всадило во нив!

Беше скоро полноќ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here