Потребно време за читање: 2 минути

Ми раскажуваш дека
ти имаш дете
без три нозе
и без три раце!;
значи само ти
и никоја друга
и ниедни други.

Разбрав дека
ти имаш
кукла во излог
оживеан со страсти
и надежи,
во пуста улица,
во молк, во страв,
во крв.

Наеднаш низ него
протрчува
старец во партали,
како избеган од војна;
со отворена рана
на градите,
со медал за храброст
на срцето,
со една рака
и со една нога!;
протрчува секавично,
сосем незабележливо
за случајните минувачи.

Сѐ е просто како грашок,
викна.
Не, сѐ е просто како грав,
викна.

Тој истиот заедно
го следиме внимателно,
надевајќи се да не запре
пред излогот,
та да не забележи
дека има отворена рана
на градите
и медал за храброст
на срцето;
надевајќи се дека
само ќе го одмине.

Не разбирам зошто
толку настојчиво ти
без мене се обидуваш
да ми докажеш
дека е тоа поетски,
смболички, метафорично,
просто како грашок
или како грав,
сеедно!

Прочитај и за ... >>  КУЌА ШТО МОЛЧИ, стихозбирка

И уште дека детето
вика ноќе, вреска, плаче,
оти го плаши грмушката
трнлива
крај лимонот
до влезот на куќата
во која си со него
откога е родено;
како да се крие
негова сенка во неа.

Една рака и една нога
се од тебе,
друга рака и друга нога
од самоста што остана
во нас
како трага неизбришлива
на нашето раселување,
на нашето расејување,
на нашето исчезнување.

А третата рака
и третата нога
на детето
е за паметење,
е за незаборав
дека сепак било
родено со љубов.

Ми спомнуваш дека тоа
вика во ноќ со молњи
и гневни ветришта
оти го плаши грмушката
трнлица
крај лимонот,
оти го разнишува
спокојот на пејзажот
насликан со светли бои
на шамиче за збогување
уште кога имал
четири нозе
и четири раце;
како да има во него
сокриен непријател
кој го демне
за да го убие.

Ти се чудам како
не си се сетила
да му го покриеш
со бела боја
или да го натереаш
да наслика друг пејзаж
со други, со какви било,
и со лимони
и со грмушки трнливи.

Прочитај и за ... >>  КУЌА ШТО МОЛЧИ НЕМЕРЛИВО, стихозбирка

А кој бил тој што заминал
и без него и без тебе
и без мене?
Немаш збор, ниту молкот
успева да ти е одговор.

Сега е сосем сеедно
дали ти ќе молиш
да се повтори нешто
наше,
дали ќе преболиш нешто
што било да не било;
сеедно е дали
ќе молиш Бога
веќе да не те гори,
да не те пеплосува
таа рана отворена
на твоите гради,
скрвавена и огнена.

Добро, в ред, имаш дете
без три нозе
и без три раце!;
кукла во излог
оживеан со страсти
и надежи,
во пуста улица,
во молк, во страв,
во крв.

Добро, в ред, доволно е
оти имаш дете,
а јас те потсетувам
на ветувањето
оти нема повеќе
да ме лажеш
за нас со него, во нас,
сѐ дури е војна,
сѐ дури е смрт.

Оти е наше од раѓање
за ние да го израснеме
како планина,
како човек од карпа;
секој да го знае
и секој да го памети.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here