Потребно време за читање: < 1 минута

36. Пред нешто железно
што личи на жива рана

Да стоиш пред нешто железно
што личи на жива рана,
како паметник,
а твоите соборци во ровот
сѐ уште да веруваат
дека стари жени во црнина
скоро ќе пеат тажаленки
над нивните мртви тела
или додека умираат
без цветови в усти,
без семиња испотени
од упорито `ртење
на нивните студени чела.

Те бодат со усвитен нож
по целото тело,
само уште не в срце,
како да си ти ова
нешто железно
што личи на жива рана,
како паметник
оставен за утре
или за кој било друг ден;
притоа мислат ѕверно
дека ќе те покријат
со три лопати сува земја
и камен над твојата глава.

Те испраќаат на мајка ти
во ненапишано писмо,
без адреса на белиот плик,
за да поверува
дека си за неа сѐ уште жив.

Да стоиш пред нешто железно
што личи на жива рана,
како паметник,
и да слушаш незнајни зборови,
без значење, неврзани,
што ги мрморат  стари жени
во црнина.

Прочитај и за ... >>  КУЌА ШТО МОЛЧИ, стихозбирка

Смешни тревоги со труби
сосе детски игри на ветер
го параат твоето небо,
а ти умираш без цвет
в уста
спружен на врел камен
среде сонце.

Веќе не веруваш
дека некогаш
ќе ти играат на свадба
твоите соборци во ровот
кои умираат еден по еден
сплотени во нешто железно
како жива рана,
како паметник.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here