Потребно време за читање: < 1 минута

35. На праг вековит

Ако не беа сините
и зелените платна
на небото над нас,
кои совреме
ги распославме точно
на пладне и на полноќ,
којзнае колку сонца
и месечини
досега ќе ме прегореа
пред одново да се родам.

Дури прелетувам
води и ридје незнајни,
заедно со птици
прелетни, лекокрилни
што ме следат
внимавајќи ветрови
да не ме развеат
на четирите страни
на секидневноста,
мигум посакувам
да те имам страсна,
љубов сонцева,
прозрачна;
та одново се навраќам
на долгата седа коса
седната на праг
вековит
и замислувам како
одново ме пречекува
радосна, живородна.

Со снага срквавена
од мачнини и јадови
ќе сновам, ќе пловам,
ќе горам до тебе,
а ако се случи
совреме, пред смрт
да не стигнам,
ти прости ми.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here