Велигденското јајце

0
47

Јајцето е симбол на вселената и плодноста и има значајна улога во народните обичаи поврзани со растењето. Симболиката на јајцето е поврзана со создавањето на нов живот, што го симболизира и воскресението на Исус Христос.

Освен за симболиката, и за еден рекорд на чување на велигденско јајце (во години) и најголемото на светот.

Утрото на воскресението мора да се дочека со корпа полна со шарени јајца што ги подаруваме како знак на пријателство, љубов и добри желби. Велики четврток и Велики петок се деновите кога се бојосуваат велигденските јајца.

Првото кое во годината е бојосано во црвено се нарекува „чуваркуќа“ и му се припишува магиска моќ; се смета за заштитник на куќата и семејството. Некои го сметаат и за лек за оние што се разболени од страв, но и оти може да избрка облаци кои носат град, па го изнесуваат пред куќа кога ледот ќе почне да се истура врз посевите.

Некаде со бојосаните јајца се тријат лицата за да бидат здрави и румени како јајце.

Постои и обичај (во Македонија) бојосано јајце да се закопува во лозје, како заштита од град, а некои првото го чуваат заедно со првите две бојосани по него. Се верува дека трите јајца можат да се зачуваат без расипување три години.

На црвените лушпи на велигденските јајца им се припишува магиска и лековита моќ, а лушпите од јајца по играта кршење на јајца мора да се раздробат-раситнат за во нив вештерките да не можат да се превезуваат преку вода.

Во не така дамнешни времиња домаќинките ги бојосувале јајцата исклучиво со она што би го нашле во природата. Во црвено се бојосувани со варење на броќ, жолтоцрвено- со варење на руј, темноцрвено со мента, црвенкасто- со кора од слива. Жолта, окер и браон (кафена) боја добивале од луковина, млечка, кукурек, коприва, дудинка, дуња, смрека, бреза. Темно костенливата боја на јајцата им ја дава ореовината, церовината, зелената-семе од коприва и корен од домат, сината-див зумбул, црната-саѓи.

При бојосување на јајца најчесто се користела луковицата. Потребно е прилично количество на сув слој за да се добие боја, па денес тоа претставува проблем. Затоа како припомош при рака се разни бои за текстил кои почнале да се произведуваат на почетокот од 19. век.

Техниките на украсување го потврдуваат богатството и индивидуалната умешност во согласност со традицијата. Пред повеќе од половина век орнаментите се работени со восок „на ѕвезди“, „на месечина“, „на гранчиња од ела“…

Во некои земји секое семејство имало свој украс за јајца кој се пренесувал од колено на колено. Имено, се верувало дека орнаментите имаат посебна моќ на заштита на членовите на семејството од болести.

Техниките на бојосување биле различни: од листови завиткани во крпи, завиткување со конец, шарење со четкичка и бои, до употреба на мравки(!). Имено, децата бојосаните јајца ги носеле на мравјалник, а мравките низ бојата пресекувале свои патчиња и така ги шарале за неколку минути. Тогаш било доволно да се истресат и да се изберат најубавите. Инаку, велигденско јајце се закопувало во мравјалник и затоа што се верувало дека тоа му донесува среќа и напредок на домаќинството.

Бидејќи јајцето го симболизира создавањето, за да ја „преземеме“ клицата на животот од него тоа треба да се изеде.

Чукање: земате јајце кое ви се чини најјако и почнувате да се чукате со други; кој ќе победи (вашето јајце ќе остане цело) на противникот му го земате како награда скршеното јајце.

Интересен е семејниот обичај со тенка игла да се издупчи свежо јајце од обете страни, па внатрешната да се издува во чинија. Со подолга игла провлекувате конец или украсна лента, од едната страна правите јазолче, а на другата лентата ја свиткувате во јамка. Секој член на семејството украсува едно јајце, па го закачува на гранчиња кои, како централен украс, ќе стојат на маса за време на празникот.

Постои и тн. велигденски лов, потрага по бојосани јајца кои „зајче“ ги скрило во куќата или градината на велигденското утро. Секое дете што ќе пронајде јајце добива како награда слатки. Од каде во играта зајче? Зајакот е симбол на плодност, нов живот и на месечината кај старите Египтјани. Можно е да станал симбол на Велигден затоа што празникот е поврзан со месечевиот циклус. Египтјаните зајакот го викале и Вену, што означувало излегување на богот на сонцето Ра и воскресението на богот Озирис. Зајакот го „презеле“ некои европски земји од старогерманската митологија според која тој е придружник на божицата на плодноста.

Австралијанците не сакаат зајаци затоа што им ги уништуваат имотите, па своевремено организирале кампања Велигденскиот зајак да го заменат со Велигденски билбиј, вид австралиски торбар кој прилично личи на зајак.

Главни „обврски“ за Велигден:

-сите работи би требало да се довршат до Велики четврток зашто на Велики петок не се работи ништо од груби работи. Строгиот пост на Велики петок остава време да ги посетиме гробовите на роднините и домаќинката со децата да ја целива плаштеницата в црква; јадењата што се подготвуваат на тој ден се посни;

-до вечерата на Велика сабота Велигденскиот ручек мора да биде речиси готов. Би требало да содржи: јагнешка чорба, сарма од зелје, јагнешко печење, салата и колачи;

-на Велика сабота се месат теста и обредни велигденски лебови. Посебно се украсува велигденскиот обреден колач (велигденик) од пченично брашно, китен со босилек со втисната буква. Велигдениците се украсуваат и со јајца;

-рано наутро, на самиот ден Велигден, домаќинката на масата изнесува корпа со шарени јајца. Секој гостин или патник намерник кој ќе го мине прагот би требало да биде послужен со јајце, колачи, кафе и слатки.

Неофицијално, но дефинитивно Мавис Тарнер е рекордерка во чување на велигденско јајце! Старицата на 88 години дури по 52 години ја отворила кутијата во која во оригинално пакување било луксузно велигденско јајце од чоколадо.

Дејли Мејл“ објави дека Госпоѓа Тарнер одбила да ја отвори кутијата во 1959. година, кога подарокот и го донел нејзиниот тогаш 11-годишен син. За неа јајцето било премногу убаво за да биде изедено. Наместо тоа, оваа жена јајцето го чувала во орманот, во својот дом во западен Јоркшир.

Велигденскиот подарок нејзиниот син пред 52 години и го купил за нешто повеќе од 3 фунти. Подарокот е купен во истата година кога во продавницата се нашла и првата Барбика.

Јајцето, кое денес би чинело 58 фунти, дошло во осмоаголна кутија, со три прегради со чоколади.

Госпоѓа Тарнер, мајка на три деца, со 6 внучиња и 10 правнуци, била одушевена од подарокот и секоја година за Велигден го вадела од орманот.

За мене тоа е посебен подарок. Мојот син тогаш заштедил пари и ми го купил преубавото велигденско јајце“, изјавила таа.

Синот Дејвид парите ги заработил помагајќи му на соседот.

Прекрасно е, не можам да го изедам. Ќе го чувам!“, му рекла тогаш мајка му.

А најголемото велигденско јајце на светот е прикажано во Аргентина. Тежело повеќе од 4 тони, било високо 8,5 метри, а широко 5 метри. Јајцето било изработено од чоколадо, а 27-мина слаткари работеле 2 недели за да направат доволно чоколадо за огромното јајце на Фестивалот на чоколадото во Барилоче.  Диего Ферарис, кој учествувал во изработката на јајцето, открил дека употребиле дрвени темели на кои ги поставиле 4-те тони чоколадо.

(Користени прилози и занимливости од Интернет)

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion