Каунт Бејзи

0
38

Вилјем „Гроф“ Бејзи (Count Basie-William James Basie), американски џез пијанист, оргуљаш, бендлидер и композитор, е роден на 21. август 1904. во Ред-Банк, држава Њу Џерси, а умрел на 26. април 1984. година во Холивуд- Калифорнија. Се смета за една од најзначајните фигури во историјата на свингот. Блузот го направил универзален жанр.

Музичкиот талент го пројавил уште во раното детство, а мајка му му помогнала да научи да свири на пијано. Младиот Бејзи решава да стане професионален музичар. На почетокот мечтаел да стане тапанар, но за многу кусо време неизмерно го засакува пијаното. Се преселува во Њујорк, каде што во Харлем, тогаш „легло на џезот“, се запознава со многумина музичари- Џејмс П. Џонсон, Фетс Волер (од кого многу научил) и други. Почнал да работи во оркестрите на Џон Кларк и Сони Грир, како и со блуз пејачките Клара Смит, Меги Џо и други. Подолго време бил член на оркестарот на Елмер Сноуден, а некое време озвучувал неми филмови.

Каунт Бејзи имал 20 години кога почнува да работи во вариетето „Keith & Toba“, а во 1927. се преселува во Канзас Сити, каде што станува член на ансамблот „Walter Page’s Blue Devils“ се до 1929. година, па во„Bennie Moten’s Kansas City Orchestra“. По смртта на Бени Моутен во 1935. го напушта оркестарот и заедно со Бастер Смит и уште неколкумина музичари од него формира нов ансамбл. Помеѓу нив се тапанарот Џо Џонс и тенор-саксофонистот Лестер Јанг.Под називот „Barons Of Rhythm“, тој состав на Каунт Бејзи наоѓа работа во „Reno Club“ во Канзас Сити. Во 1936. година заклучува договор со„National Booking Agency“ и „Decca Records“. Го добива прекарот „Каунт “ („Гроф“), а неговиот ансамбл постојано се развира и проширува (3 труби, 3 тромбони, 5 саксофони и ритам-секција). По неполна година го менува името во „Count Basie Orchestra“ и подтоа име станува популарен, најдобар биг-бенд во ерата на свингот.

Во 1936. година продуцентот Џон Хемонд му помага на Бејзи со своите музичари да дојде во Њујорк и веднаш постигнува огромен успех. Очекувано, зашто во ансамблот се извонредни солисти-Бак Клејтон, Хари Едисон, Хот Липс Пејџ, Лестер Јанг, Хершел Еванс, Ерл Ворен, Бади Тејт, Бени Мортон, Дики Велс и други. Со оркестарот на Бејзи настапуваат знаменитите вокалисти Џими Рашинг, Хелен Хјумс и Били Холидеј (1937-38). Од тој период се и многу хитови, како „One O’Clock Jump“ (1937),„Jumpin’ At The Woodside“ (1938), и „Taxy war Dance“ (1939). Во 1939. во рамките на оркестарот Бејзи организира солистичка група-септетот Kansas City Seven и и за првпат настапува во Карнеги- хол.

Во 40-тите години на 20. век на оркестарот му се приклучуваат саксофонистите Дон Бајес, Лаки Томпсон, Илинојс Џекет, трубачот Џо Њумен и тромбонистите Вик Дикенсон и Џеј Џеј Џонсон. Во 1944. биле продадени 3 милиони синглови со музика на ансмаблот, но во услови на воено време опаѓа работата на Бејзи, а неговиот биг-бенд не е во постојан состав. Во втората половина на 40-тите години настапуваат тешки времиња, па Бејзи бил принуден, со оглед на финансиските можности, во 1950. да го распушти својот бенд.

По повторното собирање во 1952. година, Каунт Бејзи презема серија турнеи и снимања на плочи, со што стекнува репутација на „ненадминат мајстор на свингот“. Неговото специфично свирење на фортепијано го изделува како музичар со оригинален, единствен и ненадминат стил. Тој оркестар со време поставил висок, недостижен квалитет на џез изведби, па станал и еден вид „универзитет на џезот“ за школување на млади музичари. Помеѓу музичарите од тој период во оркестарот работи плејада талентирани инструменталисти- Џо Њумен, Тед Џонс, Снуки Јанг, Хенри Коукер, Бени Пауел, Ел Греј, Пол Квиничет, Еди „Локџо“ Дејвис, Френк Јес, Френк Фостер, Били Мичел, Фреди Грин, Гас Џонсон и Сони Пејн. Со ансамблот на Бејзи настапува пејачот Џо Вилијамс.

Во 1954. Каунт Бејзи со оркестарот заминува на прва турнеја низ Европа, а потоа е постојано присутен во европските музички центри и на џез фестивали се до 1969. година. Во 1963. ја посетува Јапонија, а во 1965. настапува во Австралија.

Во 70-тите години на 20. век составот на оркестарот постепено се менува (се вклучуваат и бели музичари), но музичкиот стил останува непроменет. Во таа деценија од животот Бејзи освојува многу награди, а станува и почесен доктор на неколку универзитети.

Кон крајот на 70-тите болест го спречува неговото натамошно творештво. На почетокот од 80-тите веќе не може да раководи со оркестарот-бил во инвалидска количка. Во последните години од животот Каунт Бејзи се повеќе време посветува на подготовка на автобиографија.
По неговата смрт, во 1984. година лидер на оркестарот станува тенор- саксофонистот Френк Фостер, а по него раководител е тромбонистот Гровер Мичел.

Бејзи извршил големо влијание врз музичарите на 50-тите години на 20. век. Тоа јавно го признале такви врвни џез пијанисти како што се Ерол Гарнер, Мари Лу Вилијамс и Џон Луис.

Избрана дискографија
Basie’s Basement (1929), Jive At Five (1932), Super Chief (1936), On The Upbeat (1937), Rock-A-Bye Basie, vol.2 (1938), Blues By Basie (1939), Count Basie: The Orchestra And The Octet (1946), Count Basie At The Piano (1950), Count Basie And His Orchestra Collates (1952), Sixteen Men Swinging (1953), Basie Jazz (1954), Rock The Blues (1955), Count Basie in London (1956), Live in Basel (1956), The Count (1956), The Swinging Count (1956), The Band Of Distinction (19560, Basie Roars Again! (1956),Basie Rides Again! (1956), Basie Bash (1956), Switzerland 1956 (1956), Count Basie At Newport (1956), The Atomic Mr.Basie (1957), Basie Plays Hefti (1958), One More Time (1959), Count Baisie In Kansas City. 1929-32 (1959), The Count Basie Story (1961), On My Way And Shouting Again (1963), The Best Of Count Basie (1963), The World Of Count Basie. 3 LP (1964), The Essential Count Basie. Vol. 1-3 (1988), The Best Of Count Basie. 1937-39 (1992), The Complete Atomic Basie (1994), The Complete Roulette Studio Count Basie. 10 CD (1995), Big Band Basie (1995), Live In France (1995), It Had To Be You (1996), Swingin’ Machine: Live (1996), Live At Manchester Craftsmen’s Guild (1996), Pop Classics (1996), One O’Clock Jump (1996), Unbeatable Basie Beat (1996), Jazz Hour With Count Basie, vol.2: Jumpin’ (1996), Makin’Whoopee (Collector’s Edition) (1996), Count Basie/Sarah Vaughan (Capitol) (1996), Count Basie Live! 1938 At The Famous Door NYC (1997), At The Royal Roost NY 1948 (live) (1997), Count Basie Encounters Oscar Peterson (1998), Live At The Sands (1998), Paris Jazz Concert 1972 (live) (1998), Swing Shift (1999), Cafe Society Uptown 1941 (2000), Live in Stockholm (2000), Count On The Coast, vol.3 (2000), Count Basie Live (2000), At Birdland Summer 1952 (live) (2001), Olympia: Live 5-62 (2001), Palais De Chaillot 3-29-60: Live (2001), Swingin’At The Chatterbox: 1937 (live) (2001), Breakfast Dance And Barbecue (2001).

Избрани DVD
Count Basie „The Kansas City Suite“, Count Basie „Live 1962“, Count Basie „Sound of Swing“, Count Basie «Live in Europe & Jo Jones“, Count Basie „Swing Era Masters“, Count Basie„ «In Montreal 1988“, Count Basie „At Carnegie Hall“, Count Basie „Jam ’75“.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion