Потребно време за читање: 2 минути

Суштинско значење: управување

Во музиката тоа е вештина на управување со поголем изведувачки состав, оркестар, хор или оперски ансамбл. Се диригира со помош на одредени движења кои го претставуваат метричкиот тек и ја назначуваат динамиката и артикулацијата на изведбата на композицијата. Како посебна, самостојна гранка на изведувачката уметност, диригирањето се развива во 18. и 19. век.

Музицирањето на примитивен степен и во рамките на народната практика се одвива редовно без диригирање зашто не подлежи на барањата за прецизна, секогаш еднаква изведба. Но таквото музицирање е секогаш проследено со заеднички движења, чекорења, танц или некое дејствие (обредни обичаи).

Кај античките народи (Египтјаните, Грците) пејачите и свирачите ги предводи хеироном, кој со помош на хеирономијата, т.е. со движења на рацете, им го претставува првенствено движењето (спуштањето и кревањето) на мелодиската линија односно нотната слика (оти се музицирало без ноти, напамет). Вид на хеирономија се практицирал и во средновековната црковна едногласна музика (византиската и грегоријанската).

Прочитај и за ... >>  Харфа

Дури со развојот на повеќегласното, мензурално нотирање, значи на „одмерената“ музика, се развива практиката на управување која веќе се приближува кон поновото поимање на диригирањето. Пејачите тогаш пејат на ноти, а „диригентот“ (cantor figuralis) дава тон и ги означува единиците на траењето (tactus) со движења на прстите или рацете или со удари со нога или понекогаш со стап по подот.

Во времето на барокот, од 17. век, се воведува нов начин: со заедничкото музицирање на пејачите и свирачите управува чембалистот (италијански maestro al cembalo) кој ја изведува акордичката основа- генералбасот, а освен тоа дава знаци со глава или рака за да го одржи темпото и да ги назначи настапите на одделни изведувачи.

Поради посилниот стремеж за прецизна, изедначена изведба, во 18. век се развила практиката на двојно диригирање: освен чембалистот, диригира и првиот виолинист на оркестарот (оттаму наречен концертен мајстор), и тоа давајќи знаци со главата, гудалото или со самиот инструмент. Виолинистот всушност внимавал сите истовремени делници односно гласови да настапуваат заедно. Уште Јозеф Хајдн и Волфганг Амадеус Моцарт диригирале со концертни изведби седејќи со виолина, а со оперски со чембало.

Прочитај и за ... >>  Шансона

На крајот од 18. век одумира практиката на двојно диригирање и се развива модерниот начин: диригентот стои на диригентски пулт пред оркестарот и диригира со диригентско стапче и рацете. Тој начин уметнички го изградиле и усовршиле најнапред големите диригенти на 19. век, од кои повеќето биле едновремено и композитори (Г. Спонтини, Л. Спор, К. Вебер, Ф. Менделсон, Ф. Лист, Г. Малер).

Техниката на модерното диригирање со карактеристични прецизни, кратки и музички јасни движења, помеѓу првите теоретски ја разработиле и опишале Х. Берлиоз (во делото „Умешноста на водителот на окрестарот“, 1856) и Р. Вагнер (во делото „За диригирањето“, 1859).

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here