Здрав дом за добро здравје

Потребно време за читање: 3 минути

Дали се помислиле, дали размислувате за бројот и формата на софите, фотелјите, леглата и другите елементи за седење во вашата дневна соба? Да не се премалку или премногу? Дали сте ги избрале и купиле според нејзината пространост?

Стручњаците за ентериер предупредуваат и порачуваат дека „здравиот дом“ е дел од уметноста на живеењето, па за да го „насликаат“ одат до најситните детали

Во дневната соба набројаните елементи можат да бидат потпрени на внатрешни ѕидови, но притоа е битно со наслонот да се свртени кон ѕидот, а не кон вратата или прозорецот; поволно е да се постават со наслонот свртен кон аглите на собата, дијагонално во однос на ѕидовите; помеѓу фотелјите да се аранжираат помали масички за послужување, а во аглите вазни со цвеќе, некои убави украсни предмети, кристали, живи растенија во саксии, фонтана, аквариум. Сето тоа за најважната цел: поттикнување на кружењето на енергијата и напојување на просторот со позитивни вибрации.

Акцентот се става на дневната соба од проста причина што таа, вообичаено, е „најпосетуваниот“ активен животен простор; во текот на денот, па и ноќта, во неа најмногу престојуваме, се движиме, дејствуваме, работиме, но и одмораме. (Спалната се смета за „пасивен“, без оглед на „ноќните активности“ бидејќи и тие се третираат како „ослободување“ на телото и духот). Во нејзиното доуредување не се заборава да се препорачаат и помали полици за книги, поставување на телевизор и музички уреди, затоа што се тоа незаобиколни елементи на просторот за забава и дружење. Меѓу другото, и поради дозволената побучна атмосфера, поактивен и пожив тек на вибрациите на посветли и потопли бои, посилна светлина и звук, поинтензивни движења и мириси.

Најважна е позитивната ергенија. За таа да биде што посилна и поблаготворна, посебно се препорачува целиот простор на домот, станот или куќата, сите ѕидови како прегради што го делат и елементите што го пополнуваат, сите заедно да „дишат“ и да и се дозволи да циркулира. Тоа е предуслов за потребната хармонија и мир во просторот, за одмор, друштвени и семејни активности и креативна инспирација. Се разбира, тоа и директно и индиректно се одразува на личната внатрешна хармонија, здравјето и хармоничните односи во семејството.

И покрај прифаќањето на современиот- модерен „стил“ на живеење, ние се уште малку внимание посветуваме на работното катче во домот, односно работната маса, местото за работа, канцеларија, ателје или, пак, некој друг простор кој е посебно издвоен. Ако имаме предвид дека нашиот дом треба да го третираме како мултисодржаен простор, најдобра варијанта е тој, како посебен дел, да го изолираме, но може да биде и дел од другите простории: спалната, дневната, детската соба или трпезаријата, што е полоша варијанта.

Работната маса за учење или интелектуална работа (или сликарски штафелај, место за музицирање итн.) издвоени во посебна работа соба е полесно да се сместат, зашто како најважен елемент заземаат централно место. Притоа, најдобро е да се наоѓа покрај прозорец, дневната светлина да паѓа на работната површина од левата страна или да е осветлен со соодветна ламба. Подобро е кога е странично поставен во однос на вратата, наслонот на столицата да е свртен кон ѕидот, а не кон вратата или прозорецот.

Овие правила можат да се применат и кога имате на располагање само дел од соба, кој тогаш можете да го оградите или макар визуелно да го назначите и да обезбедите помирна атмосфера.

Обидете се сами да го одредите местото за работа, како и сите останати места во аранжирањето на просторот за кој стана збор, препуштајќи им се на своето внатрешно чувство, интуицијата, дозволувајќи да ве води кон хармонија, рамнотежа, мир и задоволство.

Никогаш не треба да се заборави дека квалитетот на енергијата во еден дом го прават самиот простор и сите негови елементи, како и меѓусебниот однос на корисникот и просторот. Доколку, во спротивно, не постои доволно квалитетна, поттикнувачка енергија во вашето престојувалиште или во работниот простор, таа треба да се обезбеди со примена на правилата на адекватен распоред на одделенијата и мебелот, како и со присуство на елементи кои истата ќе ја надополнат, облагородат и активираат.

Уште нешто како додавка на веќе посоченото: големите парчиња на мебел, како ормани, регали и полици, е подобро да се наоѓаат во посебни простории, како што се гардероба или шпајз. Ако нема такви во станот, па сте принудени плакарот за гардероба да го ставите во спалната или регалот во дневната, односно полицата за разновидна намена, тогаш сместете ги на внатрешните, а не на надворешните ѕидови. Освен тоа, подобро е да не се наспроти вратата и малку да се тргнати од ѕидот со што ќе се спречи кондензација и ќе се овозможи подобар проток на позитивна енергија, свеж воздух, светлина, топлина, пријатни мириси.

Leave the first comment