Дома УМЕТНОСТ И ЖИВОТ Знаени - Знаменити Џузепе Верди

Џузепе Верди

168
Giuseppe Verdi, Џузепе Верди
Потребно време за читање: 3 минути

Џузепе Верди (Giuseppe Fortunino Francesco Verdi) е роден во скромно гостилничарско семејство на 10.10.1813. во Ле Ронколе кај Парма, а умрел на 27.01.1901. во Милано. На седумгодишна возраст станува член во црковниот хор, а првите часови по музика ги добива од селскиот учител на оргули. Во 1823. го презема местото на органист во месната црква.

Основно музичко образование стекнал во родното место и во Бусето, каде што како пијанист, композитор и диригент на месното Филхармониско друштво ја започнал својата музичка дејност.

Од 1832. до 1835. година студира во Милано, а во 1839. дебитира во миланска Скала со операта „Оберто“ („Oberto, Conte di S. Bonifazio“). Во тоа време на италијанската сцена доминирале Џоакионо Росини, Гаетано Доницети и Винченцо Белини, мајстори на кои Верди се надоврзува , но, како што потенцираат теоретичари и историчари на музиката, едновремено искажувајќи уште во раните дела исклучителна творечка индивидуалност.

Меѓународна репутација Џузепе Верди стекнува со операта „Набуко“ од 1842., во која патриотски идеи вградува во историска содржина, како и во оперите што следат по неа: „Ломбардијци во првата крстоносна војна“ (1843.), „Ернани“ (1844., според делото „Хернани“ на Виктор Иго) и „Битката кај Легнан“ (1849). Во тоа време се разгорува движењето за ослободување и обединување на Италија, па Верди со изразна и сценски ефектна музика проговорува „од душата на својот народ“ (го нарекле „maestro della rivoluzione“). Патриотски интонираниот хор од операта „Набуко“ „Лети мисло на златести крилја“ се проширил како италијанска народна химна на слободата.

Прочитај и за ... >>  Интелектуалистичката поезија на еден Нобеловец

Од почетокот на своето создавање Верди настојувал што повеќе да ги усогласи традиционалната италијанска „музичка опера“ со драмскиот текст. Тој проблем го решава во делата настанати од 1842. до 1851. година, така што наследените, затворени облици на операта (арија, дуети, квартети, хорови) изразно ги збогатува или ги разлабавува и драматуршки ги продлабочува. Освен тоа, му придава се поголема важност на литературната вредност на либретото кое самиот го избира, најчесто и го скицира, па соработува со либретисти. Така, операта „Двајца Фосцарии“ (1844) ја компонира според Бајронова драма, „Јованка Орлеанска“ (1845) , „Разбојници“ (1847) и „Луиза Милер“ (1849) според Шилер, а делото „Макбет“ (1847) според Шекспир кој му бил драмски идеал.

Во периодот од 1851. до 1853. година Верди го достигнува својот прв творечки врв со оперите „Риголето“ (според делото „Кралот се забавува“ на В. Иго), „Трубадур“ (според драма на А. Гарсија Гутиерес), и „Травијата“ (според делото „Дамата со камелии“ на Александар Дима помладиот). Во нив тој конечно ја разбива конвенционалната форма на „опера со бројки“ и, тргнувајќи од драматуршката основа, ги обединува одделните делови (солистички партии, ансамбли, хорови) во големи драматски сцени или во цели чинови. Напоредно со појавата на изразната сила на гласовните партии се менува и улогата на оркестарот, кој веќе не е само придружба, туку учесник во обликувањето на драмската ситуација или самостојен фактор во создавањето на сеопшта атмосфера на делото (во предиграта). Мелодиката, најчесто со широки линии, ритмички цврста, често пунктирана, хармониски напната, е употребена за музичка карактеризација на ликовите, а секоја ситуација е исполнета со единствена музичко- драматска напнатост.

Прочитај и за ... >>  Tатко на сите комедиографи - Тит Макциј Плаут

Мајсторски се остварувањата на Вердиевата оперска драматургија на ансамбл- сцената, во кои на кулминативната точка на драмското случување ги соочува протагонистите во полимелодиски сплетови на гласови (на пример завршниот квартет во „Риголето“).

Својата вродена смисла за сценско обликување Верди ја збогатува во допирот со француската опера (од 1847. добива нарачки за Париз); нејзиното влијание се изразува особено во поставувањето на масовните сцени, инаку се позачестени во оперите настанати од 1855. до 1867. година: „Сицилијански вечерници“. „Симон Боканегра“, „Моќта на судбината“ и „Дон Карлос“.

Во 1871. година го достигнува вториот врв со операта „Аида“, која според усогласеноста на богатата творечка инвенција, музичкиот облик и драмската содржина, пејачкиот дел и оркестарот, е дотогаш негово најразвиено дело.

Во следните 10-тина години преработува поранешни дела (Дон Карлос и др.), прочистувајќи го својот израз, а својот опус го крунисува со последниите опери „Отело“ (1887) и „Фалстаф“ (1893), во кои гласот и оркестарот се испреплетуваат и надополнуваат создавајќи неразделна целина, а Вердиевиот оригинален оперски стил идеално се проткајува со најпозитивните елементи на италијанската оперска традиција.

Прочитај и за ... >>  Методија Андонов-Ченто

Со Верди италијанската романтична опера го достигна својот врв. Неговите опери денес го прават јадрото на театарските репертоари ширум светот, освојувајќи постојано со неисцрпното музичко богатство, драматската сила и непосредноста на изразот.

(Енциклопедиска одредница)