Потребно време за читање: < 1 минута

40. Кривина-Неправда

Сè помалку правини, сè повеќе кривини во нашиов животец. Си ги правиме, ни ги прават за да не се исправиме, за да не нè исправат.

Неправди на секој чекор, однадвор и однатре. Да нè замолчат и заборават, да нè изморат и ништожат. Да не можеме ни во себе, ни од себе во спокој, сосе вистините на светот.

Стори му неправда на човек, та одмини го. Оти не си човек, а за казна си со замолк и презир.

Нема мали и големи неправди. Кој да ги измери? Освен што едни болат повеќе, други помалку. И освен што не се забораваат или се простуваат.

Отсекогаш била повеќе неправдата отколку правдата? Била од што немало брана, немало одбрана од неа.

Со правда против неправда може само меѓу праведни, искрени и чесни.