Потребно време за читање: < 1 минута

104. Навици

Зборува Госпоѓа Цвета по навик:

„Нема човек што го знам чии навици не му ги знам. Отсекогаш ми било по запознавање прво важно да ги откријам нив. А знаеш зошто? Затоа што тие отсекогаш ми биле и ми се клучни за мојот однос спрема запознаениот, за моите релации со него, за да го прифатам или отфрлам.

Многу едноставно, навиците први ги откриваат луѓето какви се, зошто се, кога се вакви и онакви, ги бидува ли или не ги бидува за ова-она.

Јас навиците, а според нив и луѓето ги делам на подносливи и неподносливи. Делбата на добри и лоши навици е прашање на личен вредносен критериум, па таа ми иде отпосле, на пример при натамошен избор. Во секој случај, сѐ што се однесува на мене зависи од тоа кои надвладеале“.

Ја пресекувам во зборот:

„Драга Госпоѓо Цвето, воопшто не се сомневам дека многу сте избирале штом навиците секогаш Ви биле важни, можеби некогаш и најважни. Но да Ве прашам, зошто никогаш не сте се омажиле?“

Прочитај и за ... >>  СВОЕВИДНА ЖИЗНЕНОСТ, минијатурни раскази/ескизи

Лицето ѝ се намуртува, ме погледнува прекорно, воздивнува длабоко и кусо одговара:

„Кога е збор за навиците, во моите односи со мажите секогаш сум се раководела според изреката „Има навик, ама има и одвик“. Ме разбирате, нели?“

Јас сум еден од ретките пријатели на Госпоѓа Цвета кој може да ѝ го запре зборувањето.

(Автор на сликата: Никола Мартиновски)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here