Потребно време за читање: < 1 минута

93. Онемениот

Никој не знае ништо за него. Ни кој е ни чиј е, ни од кога е ни од каде е, ни како се вика ни како го викаат. А сите го знаат како скитник и осаменик, без живеалиште или прибежиште.

Онемел наеднаш, мигум или по долго премолчување? Доживеал ли, преживеал ли нешто големо штом онемел? Кој ќе го прашаше долго го гледаше право в очи, безизразно, па му свртуваше грб или брзо се оддалечуваше.

Во во кој било денски или ноќен час можеше понекојпат да се види пред Музејот на народниот опстој, непосредно до неговата голема порта. Баш како да е некој важен музејски експонат, клучна личност изделкана од стена, излеана од бронза или направена од ореово дрво.

Што ли го онемело? Некои веруваат дека му се случила некоја голема несреќа оти само таква може наеднаш да онеми човек. Некои тврдат дека онемел откако го напуштиле сите ближни, напросто го заборавиле и останал сосем сам на светот. А некои, пак, се сомневаат дека и нему му се случило исто како на многумина други во кои било години: невозвратена, неисполнета љубов или разделба со друшка.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

Било како било, важно онемениот сѐ уште може понекојпат да се види во секое годишно доба, во кој било денски или ноќен час пред Музејот на народниот опстој, непосредно до неговата голема порта.

Наскоро власта  музејот ќе го претвори во театар на комедијата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here