Потребно време за читање: 3 минути

Сè почнува според некој однапред утврден ред:

Тоа беа денови кога одвреме-навреме или некогаш многу ретко доаѓаше пролет откај реката што еднаш ја направија да тече низ градот. Трербало да тече, така решиле граѓаните, па прво ја прекопаа, малку ја подисправија и оттогаш беше чиста. Но, сè уште не да се плива во неа. Реката требаше да тече низ градот, тоа беше неодминлив факт, како дел од неговото секојдневје, конкретно од неговата клима.

Тоа беше навистина голем настан. Кога почна да тече беше пролет одвреме-навреме. Јасен Виорски беше поетски настроен. Им запеа на луѓето од Големиот град:

Птиците пеат,
Дрвјата зеленеат.
Вие, луѓе божји, морате
Да си ги менувате обичаите.
Дозволете си
пролетно расположение.

И луѓето си ги менуваа обичаите. Се обидуваа да бидат нови, да изненадат. Да си ја изненадат баналноста. Сè измислуваа само за да не се од другите денови што веќе ги минале како никогаш да не биле со нив.

Од тие нови обичаи на луѓето во Големиот град, во деновите кога одвреме-навреме или некогаш многу ретко доаѓаше пролет откај реката што еднаш ја направија да тече меѓу нив, Јасен Виорски запамети еден кој често ѝ го раскажуваше на Марија Имотска:

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Едно утро од осмиот балкон на соседната зграда чувме крава. Ја чувме како да нема време за нешто што се бара од неа. Токму така, како да нема време. И се чудевме како ли успеале да ја качат нашите пријатели дури на осмиот балкон.

А едно друго утро во нашата зграда, пак, на последниот давесет и седми спрат старите од спротивната страна на лифтот беа купиле магаре. Почна да се јавува кога ќе му текнеше. Тие денови се јавуваше пред стемнување.

Ти раскажав, Марија Имотска, дека кравата ја чувме како да нема време за нешто што се бара од неа? Ти раскажав, помнам. А магарето, за него можам да потврдам дека остана рамнодушно и кога го гледавме право в очи. Мислевме дека ќе се вознемири барем малку.

Е сега:

На последниот ден од деновите кога одвреме-навреме или некогаш многу ретко доаѓаше пролет разбравме дека кравата на осмиот балкон од соседната зграда престанала да јаде и престанала да дава млеко. А магарето не сакало да станува оти станало тврдоглаво. Кокопшките на нашиот сосед, пак, заспиваа порано и од петлите на самецот на мансардата. Зошто?, прашуваш. Од причина што ѕидовите на нашата и на соседната зграда беа полни, излепени со голи жени! Зошто се смееш, Марија Имотска? Во сè тоа нема ништо смешно!

Прочитај и за ... >>  Овој миг на реминисцентна состојба треба да се запомни.

Постарите раскажуваа дека жената на човекот што се всели пред десет дена била многу убава и млада. Некои веќе се подготвуваа намерно да ја сретнат или, ако не може друго, да го почнат соседството со нив.

Наутро:

Еееј, соседи, сакате да ви купиме млеко?

Благодариме, многу сте љубезни.

Ништо, ништо. Ќе купуваме за нас, па може и за вас. Ќе ви донесеме.

Повелете на кафе. Ќе ни биде мило и драго малку да си поприкажеме.

Но сега, Марија Имотска, нешто друго. Внимавај:

На последниот ден од деновите кога доаѓаше пролет откај реката низ градот чувме дека жената и човекот што се вселија пред десетина дена имале слонче и дека било многу послушно. Трчало низ собите кога не било многу гладно! Не можевме да веруваме. Тоа се обични приказни, се убедувавме. Се обидовме намерно да ја сретнеме жената или некако, на кој било начин да го почнеме соседството со нив.

Точно! Жената навистина беше убава и млада. Лично се уверив. И имаа слонче многу послушно! Трчаше низ собите кога не беше гладно!

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Немој да се смееш, Марија Имотска. Во тоа нема ништо смешно.

Добро, еве го и крајот:

На последниот ден од деновите кога одвреме-навреме или некогаш многу ретко доаѓаше пролет откај реката што еднаш ја направија да тече низ градот јас, веќе именуваниот и идентификуван како Јасен Виорски, купив стара желка и ги повикав сите од нашата и соседната зграда да дојдат, да ја гледаат и да ѝ се одушевуваат.

Прашуваш што се случи со неа? Па, Марија Имотска, беше премногу стара и набрзо ми умре. На тој план не можев да сторам ништо!

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here