Потребно време за читање: 2 минути

16. Дом

„Во кој, во чиј дом ретко, можеби никогаш не си бил, ниту си помислил да наминеш без лична потреба или потреба на близок? Јас откривам: во дом за стари лица! Се разбира, го откривам, го тврдам ова откога едно декемвриско студено претпладне бев во еден и минав два часа. За паметење, како извонредно доживување. Се разбира, мислам на средбите и разговорите со некои од неговите жители.

Дом за стари како секој дом за стари. Сè нужно, ништо одвишно. Најважно од сè: деноноќна грижа за немошните, обеснажените, неподвижните; за заболените, болните пред умирање; за осамените, онемените и оглувените. Но, и за малкумина сè уште здрави, што се уште на нозе, со ведрина на духот, со жизнена старост.

Разговорите беа неврзани, срдечни, би можел да кажам и искрени. Најмногу од нив сведени на мои прашања и нивни куси одговори, би рекол вообичаени меѓу човек во поодминати години, јас, и луѓе на мои и во длабока старост. Намерно одбегнав да прашам кого било за неминовноста или доброволноста да бидат во домот. Само разговорот со една госпоѓа во осумдесети, по име Тодора и презиме Соколова, го завршивме токму со прашање и одговор за тоа.

Прочитај и за ... >>  НА МОИ ГОДИНИ, Средишни песни, стихозбирка

Беше како намерно изделена од другите, пред затворен прозорец што гледаше на мал парк со ниски чемпреси, тревник и мало замрзнато езерце. Беше во инвалидска количка, а ме привлече како седи вкочанета; достоинствено, исправено, како секој миг подготвена да стане. Ме запозна нејзината негувателка. Седнав на дрвен стол спроти неа и разговаравме речиси половина час.

Тодора Соколова дошла во домот кога нејзиниот животен сопатник, кој деноноќно се грижел за неа, ја негувал, ѝ ја одржувал нелечивата болест поднослива, починал пред рано утро ненадејно и несетно. Во нивната голема и раскошна куќа, сместена во една од елитните приградски населби, тишината ѝ станала неподнослива. Никој од нивните два сина и три ќерки, никој ни од четирите внуци не сакал да се досели во неа и да ја наследи по нејзината смрт.

Рече:

-Јасно е зошто не сакаа. Мислам и дека не можеа да прифатат. Си имаат свои обврски, грижи и проблеми, а моиве години и болештинава се голем товар. Наполно ги разбирам…Ми се потврди тоа. Куќата им ја препишав, да ја поделат на еднакви делови. Јас дојдов во домов, а тие во меѓувреме ја продале.

Прочитај и за ... >>  НА МОИ ГОДИНИ, стихозбирка

Јас:

-Доаѓаат? Ве посетуваат?

Таа:

-Не. Немаат време…Ме заборавија.

Јас:

-А како во домов?

Таа:

-Мене ми е добро. Многу сум задоволна. Не сум сама, не сум осамена, се грижат за мене.

Јас:

-Некое Ваше лично задоволство?

Таа:

-Домов има мошне богата библиотека. Најмногу белетристика, но и енциклопедиски изданија. Сум научила да читам брзо. Роман од двесте-триста страници го читам за два-три дена…Доста време минувам и пред лаптоп. Мошне сум активна на Фејсбук. Пишувам статуси, коментирам, лајкувам, имам пријателки и пријатели на мои години со кои сум во постојана комуникација.

Ја допрашувам:

-А болештината?

Ми одговори со рамнодушен глас:

-Болештина како болештина. Нелечива е. Ќе ме умре кога ќе реши…Кога ќе ѝ биде доста од мене.

Во домот за стари лица сепак не бев случајно, не минав два одвишни часа едно декемвриско студено претпладне. Пред четири месеци ме напушти друшката со која немав рожба. Сам сум, живеам во двособен стан во кула, во центарот на градот, и близу сум до пензионирање. Работам на каса во маркет. Се надевам дека пензијата ќе ми биде доволна за во дом“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here