Потребно време за читање: 2 минути

Си имал работа со железо кога е црвено и како река?

Да. А зошто не? Што те чуди тоа? Можеш ли да претпоставиш какво е чувството дека е живо, Марија Имотска?

Мислам дека можам. Жива материја што се обидуваш да ја вкалупиш, да ја обликуваш.

Се чуди како дете пред непознат предел. Зошто не сака да отстапи? Зошто не признае дека нејзиното искуство е помало од неговото? Како да ѝ е сеедно, а не ѝ е. Посакува да го познава подобро, и таа него да почне да го истражува, да го открива. Дел по дел. Свесно! Зашто сето досега од нејзина страна се одвиваше како по инерција.

Железото живо, а ти, Јасене Виорски, го ослободуваш или го запираш неговиот тек. Значи, раководиш со неговиот миг, со неговите мигови, постојано ја искажуваш својата моќ над него. Ти можеш да го запреш и кога ќе посакаш да го продолжиш. Да му подариш живот и да му го одземеш кога ќе посакаш. Да го вжетиш и да го оладиш во замислена форма. Така и со мене, нели Јасене Виорски?

Прочитај и за ... >>  Полека се покажува дека само двајца овде не се доволни. Се бараат и други личности.

Не може сè да се споредува со сешто, Марија Имотска. Зошто не со река?

И со река, се разбира. Само што неа не можеш да ја запреш. Ќе ја пренесеш на друго место, но обидот нема да ти успее. Таа ќе избие кај што никој не ја очекува. А може и обратно: таа да раководи со твојот миг!

Ова почнува да ја весели. Го прифаќа како игра и се радува дека тој конечно нема одговор. Мора да признае дека е рамноправна со него.

Знам, Јасене Виорски, дека железото гори. Ќе му го дадеш огнот, ќе го прифати, ќе стане дел од него и тогаш станува опасно. Посебно за очите.

Не требаше да почнуваме, Марија Имотска. Не требаше! Те заморувам, нели?

Понекогаш да, но ние веќе се навикнавме еден на друг.

Којзнае.

Тој се насмевнува, а таа гледа во сонцето. Јасен Виорски си го покрива лицето со маска.

Марија Имотска изненадена:

Прочитај и за ... >>  Иронијата и сарказмот на Марија Имотска и Јасен Виорски како одбрана од другите. Како опстанок.

Зошто сега маска наместо твоето лице?! Да не е поради нашата стварност? Да не е некој дел од неа? Ме плашиш, Јасене мој.

Јасен Виорски рамнодушно:

Си го покрив лицето со маска зашто скоро ќе надојдат облаци кои ќе ни го покријат сонцето. Не, нашата стварност е цела, неделива и таква ќе остане. Добро би било и ти да го покриеш лицето со маска дури има сонце. За огнот во тебе за мене да не угасне.

Почнаа да надоаѓаат облаци.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here