Потребно време за читање: 3 минути

3. Пријателот Диоген

Мене и на Аристотел тој ни излезе пред очи сосем неочекувано на залез на за нас важен сончев ден. Имено, со денови и ноќи бевме навлезени во длабока и мрачна тишина, без буква, слог и немоќен збор. Јас со дилема дали воопшто да продолжам заедно со него по заедничка врвица или на следниот свиок јас да се вратам на својата наспоредна, а тој на својата, исто така наспоредна со нашата, и никогаш повеќе да не се сретнеме. Тој, пак, замислен пред последна освојувачка и последна одбранбена борба (ми го призна тоа многу подоцна), имено дали првата е поважна од втората или се тие можеби со исто значење за воин и предводник. А да не е поважно од сè друго народот да остане сплотен и единствен во просторот помеѓу нив, без оглед колку е тесен или шиток, голем или мал?

Иако се подразбира, чинам е нужно да нагласам дека средбата со Диоген се случи на самиот почеток од нашата дружба-мојата со Аристотел и Аристотеловата со мојата.

Прочитај и за ... >>  МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 1

Има тој некаква директна или индиректна врска со Диоген од Синопа? Тројцата се согласивме дека единствена врска е цинизмот, иако досега никогаш Диоген не го користел како свое одбранбено орудие. Мене и на Аристотел ни стана многу близок кога го чувме како хули на модерниот овоземен живот сведен на постојано, неизмерно богатење со дребнулии и бесцелно, залудно, заразно, отровно секојдневно, напати стресно трошење на заработено, точно назначено како консумеризам.

Беше и е мошне впечатлива неговата сенка, речиси иста каква што ја познаваме од слики на Диоген од Синопа насликани од сликари во разни времиња: тога, стап, дрвено буре во агол на улица преполна со луѓе и разни превозни средства. Одвреме-навреме, додека му се доближувавме, значи сè уште не близу до него, неговата сенка како намерно да ја повторуваше случката со децата што пијат вода од дланките, по што ја фрла чашата како непотребна.

И директната и индиректната врска на нашиот пријател Диоген со Диоген од Синопа е во неговото главно учење за доволноста. Имено, таа не се сведува само на неопходното за живот, може само на леб, сол и вода, туку на неа како лесен личен товар. Значи, доволноста е личен товар на човек што е човек.

Прочитај и за ... >>  МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 2

Од неколкуте дискусии меѓу мене, Аристотел и Диоген, засега како мошне плодна и со извесен крај ја издвојувам онаа за корупцијата; не во државата, туку во општеството. Акцентот е на секојдневната и саможртвувачка борба против неа. Притоа барајќи го човекот во човекот, а мислејќи пред сè на моментното постоење. Наскоро ќе ја пренесам на овие страници од збор до збор, а сега само овие негови зборови:

„Човекот без човек во себе деноноќно се убива себеси со саможивноста, себичноста, себељубието, егоизмот. Ако скоро не ја прифати доволноста во животот како свое кредо, таа во хармонија со природата и личната природа, ако не ја отгфрли непотребноста, пред сè друго богатењето и стгатусот во општеството, наскоро ќе му нема спас и јас ќе престанам да барам човек во него“.  

Не случајно нагласив дека Диоген ни излезе пред очи сосем неочекувано на залез на за нас важен сончев ден. Сега знам колку се суштествени последните сончеви зраци на залез, кога живеалиштето на вистински човек му е доволно какво што е. Да, мислам на случената или неслучената посета на Александар Македонски на Диоген од Синопа. Според Пултарх, кога Александар го разбудил од спокоен сон во своето буре, свртен кон сонцето, му се претставил и го прашал што може да стори за него, Диоген кусо одговорил: „Помести се од мојата сончева светлина“. Восхитен, Александар рекол: „Да не бев Александар, би сакал да бидам Диоген“. Диоген одговорил: „Да не бев Диоген, јас исто така би посакал да бидам Диоген“.

Прочитај и за ... >>  МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 1

Нашиот пријател Диоген смета дека секој човек нема свое место под сонцето, туку има во себе еден сончев зрак. Со кој се раѓа и живее до смрт. И кој мора да го чува и да го брани со сето свое битие, ум и творечки дух.

Како Диоген од Синопа, и нашиот пријател Диоген често весело, насменао, по малку шеговито вели:

„Јас сум граѓанин на светот!“.