Потребно време за читање: 2 минути

ДЕТАЉ 6

Ние полека стануваме конечни,
Марија Имотска!

Дека стануваш рамнодушна за сè што се случува пред нас, дека стануваме сè повеќе конвенционални, сè почесто си ги менуваме местата и времињата, повторуваме исти настани! Ни стануваат обични, ни се случуваат секој ден, веќе стануваат непотребни! Повторуваме и разговори, Марија Имотска! Дали сето тоа за побрзо да си го измориме нашето време? Дали затоа што остава трага кога ни ги покрива челата? Го следиме, внимаваме на него, но тоа досега беше секогаш непредвидливо, ненадејно! А отсега? Од овој миг? Ни останува само да викаме Биди проклето!, и тоа да добива некаква форма и да исчезнува?

Бевме премногу сигурни во себе, Јасене Виорски. И кога ги следевме своите времиња, кога го враќавме нашето минато, го запиравме сегашното. Не бевме внимателни, ниту предвидувавме дедка ни минува ненасетно. Минувавме и ние, па сега почнуваме да ја чувствуваме онаа позната примитивна потреба за живот, за гол опстанок. И присуството на смртта! На болест и смрт!

Прочитај и за ... >>  Како се објаснува една состојба, а истовремено се најавува друга.

Зашто умирањата стануваат сè почести, Марија Имотска. Ги нема нашите деца, летнаа еднаш сами и не ни се вратија. Ги нема нашите пријатели. Секој во својата кожа! Го нема моето железо; твојата крв ја носиш само во себе, а како да те оставила, како друг да ја продолжил. Го нема нашето Море! Само си спомнуваме што останало од него во нас!

Нашето искуство во основа е трагично, Јасене Виорски. Особено крајот. Бевме премногу сигурни во себе.

Сепак не. Не ни се годините вака. Ни беа поинакви, Марија Имотска! Ти сакаше да бидат и вчера и сега, па делеше и разделуваше сè. Избираше, забораваше, не забележуваше, не гледаше! А го напиша она што мислиш дека треба да се запомни, само по твој избор. Она што треба да нè однесе на крајот! Со сите години и ноќи!

Не сум само јас виновна што нашиот живот излезе толку имагинарен, Јасене Виорски. Сепак, верувам дека сè не беше залудно. Сигурна сум дека оставивме доволно простор за секого да нè открива, да нè осознава според своите можности и потреби.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Не те прашувам за другите што те легнувале, Марија Имотска. А може ќе беше добро ако раскажевме неколку такви епизоди кои би го нараснале нашиов говор во мелодрама. Би го зголемиле интензитетот на нашата состојба. Така и би продолжиле уште.

Нели се договоривме, Јасене Виорски, нашето време да не биде премногу долго? Нели според годишните времиња?

Значи, не отстапуваме. И на крајот! Во првиот круг годишните времиња, во вториот нашите настани, во третиот ние со нашиот немир и нашето спокојство. Во третиот заедно, а во чевртиот круг нашата осама како пораз!

Точно така!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here