Потребно време за читање: 3 минути

Се случува настанот само да го коментира претходниот сон.
Ништо повеќе, ништо друго.

Реши да ѝ го изнесе своето убедување, иако беше сигурен дека таа нема да го прифати.

Децата се замислени како рожба или трага на нашата интензивна љубов. Што е смешно, Марија Имотска? Како се изразив? Без оглед на тоа што си го доживеала како искуство со него, па и тоа што ти се случило на Море. Разбирам. Твојата слабост те довела меѓу нив. Слабоста кон него! И в ред, ти се случило. Па што?…Не верувам дека не си знаела што можело да ти се случи. Тоа си го очекувала, Марија Имотска. Не се залажувај себеси. Сè што додаде во тој сон е твој отпор. Ирационален, но свесен. Можеби за да ме увериш дека си посилна од мене! Децата се рожба на нашата интензивна љубов, дел од нашето идно време. Ги сакав и ти ги сакаше, нели?

Ми беше сеедно, Јасене Виорски. Не ми недостасуваа и не пополнија никаква празнина во мене.

Тоа не е точно! Се лажеш. Знаеш дека не е точно!

Го гледаше празно, како да е проѕирен, прозрачен, како да е сосема непотребно неговото искуство во оваа ситуација.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Знаеш добро дека брзо ќе нè заборават. Тие живеат во друг свет! Нивното минато како сегашност не може да се исполни со неповрзани настани. Размислуваат едноставно и ги примаат промените онака како што се случуваат, му рече Марија Имотска.

Тоа со птицата беше обичен сон. Неповрзано доживување во стварноста, ѝ рече Јасен Виорски.

Зошто често одевме во зоолошката градина? Што нè влечеше таму? Јас се плашев од дивите животни.

Поради нашиот внатрешен немир, Марија Имотска. Поради нашето второ Јас! Поради нашата индивидуалност! Дивите животни скротени во кафезите, во затворен простор и немоќни. Се радувавме на нивната немоќ!

Несфатлива ми е твојата опсесија од огнот и железото, Јасене Виорски. Како можеш толку често со таква динамика и со таква возбуда да раскажуваш за твоето секојдневје, за твојата работа? Па тоа е неверојатно!

Знаеш Марија, чувствувам како да сум сроден со нив, како да се дел од моето битие. Постојано ги гледам. Нивната вжештеност и заслепувачкото црвенило! Колкупати ми се случило да се спасам во последен миг, да ја одбегнам опасноста…Еднаш за малку ќе паднев во нив, ќе се стопев…Колкупати ми ги изгореле дланките, се оправдуваше пред неа, иако и самиот не беше сигурен во сопствените зборови.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Зошто слегуваше во визбата?, пак се врати на старата тема Марија Имотска. Зошто ја донесе куклата од восок?, беше упорна во прашувањето, и самата претпоставувајќи можни одговори.

Тешко ми е да објаснам…Сакав да те изненадам! Да го изменам твојот ред, твојот систем! Твојот внатрешен свет, Марија Имотска!…Куклата те вознемири, нели?

Исто како со летањето на децата. Ти тоа го измисли и го трансформира во стварноста. Сон како реалност!? Како дел од нашето секојдневје!? Па како само можеш да тврдиш дека се тие рожба на нашата интензивна љубов?, го праша за конечно да му се спротивстави.

Јасен Виорски запре како да размислува длабоко, каква смешна поза!, па продолжи:

Со нив и ние научивме да летаме, нели? Не е ли тоа доволно како потврда? Да, кога сонуваш како леташ тоа не е ништо друго освен несвесно движење на телото. Во грч! Обид да ја продолжиме нашата внатрешна енергија, да ѝ го сочуваме континуитетот…Чекај! Ова нема никаква врска ниту со Фројд, ниту со Јунг. Дозволи да докажам!…А зошто летањето не и како фактичка состојба? На пример, како едноставно скокање во Морето.

Прочитај и за ... >>  Ние сме сепак дел од стварноста

И што се случи потоа?, конечно Марија Имотска му го постави прашањето што го имаше подготвено уште на самиот почеток.

Ништо особено, одговори Јасен Виорски. Претпоставувам дека сме продолжиле на Море, а во меѓувреме твојот Спиро Јагленов те напуштил, си заминал, исчезнал во непознат правец. Во непознат?

Зошто се враќаш толку назад, Јасене Виорски? Што сакаш уште од мене? Не ти раскажував доволно за него и за нас?

Во меѓувреме твојот Спиро Јагленов те напуштил?

Зарем не ти раскажав дека страотно настрада во сообраќајна несреќа?…Да, ме напушти, исчезна во непознат правец!…Спиро Јагленов беше само едно ситно камче, мала скица од мојот животен мозаик. Ништо повеќе, Јасене Виорски. И престани да инсистираш на него. Знаеш и самиот дека потоа продолживме јас и ти, и собравме многу спомени од Морето. Останавме спокојни и потребни еден на друг. Сè што доживеавме не беше ненадејно, неочекувано. Напротив! Сè што доживеавме беше оти така сакавме. Настојувавме така да ни се случи.

И восклиците, Марија Имотска?

Знаеш, мораме да продолжиме да ги раскажуваме. Макар до крајот на животот! Макар и пред смртта!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here