Контрапункт, пробабилност и моментум – кога зборовите се користат погрешно

симболична сцена со луѓе во разговор како метафора за значењето и недоразбирањето на зборовите

Понекогаш човек мисли дека знае што зборува. Уште почесто – дека звучи паметно додека зборува. А токму тука, во таа мала и речиси невидлива разлика меѓу знаење и впечаток, почнуваат најинтересните недоразбирања на јазикот.

Нашиот јазик, како и секој жив јазик, постојано прима нови зборови. Некои доаѓаат од науката, некои од културата, некои од медиумите, а некои – од обичната човечка желба да се звучи малку „поучено“. Но зборовите не се само украси на реченицата. Тие имаат историја, значење и контекст. Кога тие три работи се раздвојат, настанува нешто што многу често го слушаме околу нас – јазична комедија.

Контрапунктот не е кавга

Замислете една домашна сцена.

=== Бесплатно рекламирање ===
Licevlice.mk

Вашата сопруга ве вади од тактот и Вие, веќе на работ на трпението, ѝ подвикнувате:
„Немој да ми контрапунктираш оти ќе излезам надвор и ќе те оставам дома сама!“

На прв поглед, звучи остро и убедливо. Но ако малку подлабоко се размисли за зборот што сте го употребиле, целата реченица станува прилично комична.

Зборот контрапункт потекнува од латинското punctum contra punctum – „точка спрема точка“. Во старите музички записи, наместо денешните ноти, се употребувале токму точки. Во суштина, тоа е музички принцип на создавање хармонија меѓу повеќе независни гласови.

Ако сакате прецизна дефиниција, може да се види и во објаснувањата за counterpoint во музиката.

Контрапунктот, значи, не е расправија. Напротив – тоа е уметност на усогласување. Вештина со која повеќе линии на звук се спојуваат во хармонична целина.

Па ако навистина го знаете значењето на зборот, наместо да ѝ подвикнете „немој да ми контрапунктираш“, многу пореално би било да ѝ кажете:
„Немој да ми бидеш толку контрарна!“

Прочитај и за ... >>  Џиновска секвоја во Скопје - жив споменик на времето

А потоа, се разбира, ќе излезете надвор. Затоа што така најчесто се избегнуваат нови контрарии.

Кога „пробабилно“ станува непотребно комплицирање

Замислете уште една сцена.

Му се обраќате на колешка и велите:
„Чинам дека Вашата љубов кон мене, колешке, тешко ќе може да се провери и потврди. Сакам да речам – да се докаже како пробабилна.“

Таа ве гледа зачудено. Не затоа што сте рекле нешто сосема погрешно, туку затоа што сте рекле нешто што никој нормално не би го рекол.

Зборот пробабилен доаѓа од латинското probabilis и значи – веројатен, нешто што може да се докаже или потврди. Самиот поим е близок до идејата за веројатност во логиката и науката, како што се објаснува во концептот на веројатност (probability).

Но во секојдневниот говор, употребата на ваков збор создава само непотребна тежина во реченицата. Наместо да звучиме поумно, најчесто звучиме како да се обидуваме да го скриеме недостатокот на јасност зад сложени зборови.

Затоа е едноставно правило: ако нешто може да се каже јасно – кажете го јасно.

Вашите сознанија, ако така милувате да речете, можат да бидат „пробабилни“. Но уште подобро е да бидат аргументирани, прецизни и разбирливи.

Модата на зборовите и несмасниот „моментум“

Еднаш слушнав новинарка на телевизија и, морам да признаам, останав искрено изненаден од нејзиното изразување.

Таа рече:
„Ова што сега се случува е мошне сериозно за моментумот во кој се наоѓа нашава држава.“

Тука веќе не станува збор само за погрешен збор. Тука станува збор за она старо правило: ем не разбираш, ем се глупираш.

Прочитај и за ... >>  Од имплементација до интеркултура

Зборот momentum има сосема конкретно значење. Во физиката означува количина на движење на едно тело – поим што е дел од основните закони на механиката, објаснети уште во физичкиот поим momentum.

Во обичниот говор на англиски, тој понекогаш се користи метафорично – како „движечка сила“ или „замав“. Но во македонскиот јавен говор, зборот најчесто се употребува без јасно разбирање.

Што сакаше да каже новинарката?
Најверојатно мислеше на пресуден момент.

Но ако мислеше на пресуден момент, зошто не го кажа токму тоа?

Можеби затоа што „моментум“ ѝ звучело помодерно.

А кај нас, да се разбереме, глупирањето во изразувањето одамна е во мода.

Кога зборот станува уметност

Интересно е што истиот тој збор, Momentum, може да добие сосема поинакво значење кога ќе влезе во уметноста.

Авторот на овие редови има напишано стихозбирка токму под наслов „Momentum“. Но таму зборот не е употребен како физички термин. Тој е метафора.

Моментно.
Ненадејно.
Брзо.
Минливо.

Еден миг кој исчезнува, но преку песната се претвора во нешто трајно. Во спомен. Во уметнички предмет. Во мал монумент од зборови.

И токму затоа, ако некогаш некоја новинарка по инерција реши да каже дека некое политичко решение е „монументално“, мислејќи на нешто големо и значајно – нека биде внимателна.

Зашто зборот монумент означува нешто што веќе е сместено во минатото – нешто што станало споменик.

Со други зборови:
ако не внимаваме што зборуваме, понекогаш сами ја претвораме сегашноста во минато.

И тоа – само со еден погрешен збор.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.