Странски зборови и изрази во македонскиот јазик најчесто влегуваат-се прифаќаат еклектички, неинвентивно. Тоа еднакво се однесува на значењето и можностите за нивна надградба-изведување, симболика и сл. Така е најнапред затоа што се нема изграден критички однос, поточно вредносен систем за збогатување на јазикот со нив, против индивидуална и некомпетентна примена.
На пример, прифаќањето на сите зборови со иста основа не само што би значело вистинско збогатување, туку и предизвик за зборовно новообразување (кованици и др.)
Зборови во чија основа е инфант:
–инфант-„оној што не може да зборува“ т.е. дете; првобитно: наследник на кралски престол, престолонаследник; потоа, кралски син, кралски принц во Шпанија и Португалија;
-инфантадо-земја што се отстапува на доживотно уживање на инфантот или на инфанткињата; оттаму: инфантадос-прочуени шпански мерино-овци;
-инфантерија-пешадија, пешачки трупи;
-инфантерист-пешак, војник кој служи во пешадија;
-инфантилен-детино, детски; детинест; малолетен;
-инфантилизам-застој во развојот на едно лице во телесен и душевен поглед, облик на заболување во кое возрасен човек задржува, и во телесен и во душевен поглед, детинести црти и особини;
-инфантицид-убиец на дете, детеубиец, чедоубиец; за жена: инфантицида;
-инфантицидиум-детеубиство, чедоморство;
-инфанткиња-кралска ќерка, принцеза (во Шпанија и Португалија)
Од сите приведени зборови најексплоатирани, не само кај нас, се „инфантилен“ и „инфантилизам“. Затоа што во многу сфери, а особено во политиката, има навистина многу инфантилни политичари кои во немерливи количества продуцираат инфантилности. Човек да помисли дека таквите масовно заболуваат од инфантилизам.