Потребно време за читање: < 1 минута

16. Карван и кучиња

Човек човечен забележал дека кучиња следат карван на кој не му се гледа ни почетокот ни крајот, но сè помалку, поретко и потивко го лаат. Како да покажуваат сè помал интерес за него, не прашувајќи се ни зошто тргнале од село без кучиња низ пуста пустелија. Ги прашал:

-А бре, кучиња верни на луѓе човечни, што ви стана та сè помалку, поретко и потивко го лаете карванов на кој не му се гледа ни почетокот ни крајот?

Кучето на чело на кучињата, очигледно нивен предводник, му одговорило:

-Ни се смачи од залудно лаење, човеку човечен. Тие саде си ги вардат преполните дисаѓи со крадено азно и внимаваат да не се издвојат од карванот. Знаат оти без него лошо ќе ги снајде.

Човекот човечен се досетил да го потпраша:

-А да не сте вие кучиња од селото без кучиња од кај што тргнал карванов?

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 17

Кучето предводник одговорило:

-Да, тие сме. Го оставивме селото без нас зашто овие во карванов го запустија, сè живо и диво испокрадоа од него. Го оставивме без нас откога видовме дека освен нас никој друг не лае по нив.

Човекот човечен се надоврзал:

-И откако карванов го остави запустеното село без кучиња вие тргнавте по него?

Кучето не му одговорило, туку продолжило да се докажува:

– Сè помалку, поретко и потивко го лаеме, ама ќе го следиме до следното село без кучиња. Ако и него го испокрадат и запустат, е тогаш можеби ќе преземеме нешто конкретно. Може и да им го растуриме карванов, та сите во пустелијава да почнат да бегаат безглаво.

Човекот човечен го загледа, но веќе немаше волја да го прашува. Продолжи во пустелијата да бара село со кучиња. Со сè помала надеж.