Стока

0
20

Таа е производ на човечкиот труд кој задоволува некоја човекова потреба и се разменува на пазарот. Секој корисен предмет како стока може да се посматра со оглед на квалитетот и квантитетот.

Стоката поседува различни физички, хемиски, естетски и други својства, што ја прават употреблива за одредена цел,  но таа е и разменлива односно може да задоволи квантитативно одредени општествени потреби, па треба да се произведува во одредени количества.

Трудот на производителот во исто време е и конкретен и апстрактен. На таа негова двојна природа и се соодветни две основни својства на секоја произведена стока. На една страна е употребната вредност-нејзината способност да задоволи некоја човекова потреба, а на друга е вредноста  што ја одредува количеството на вложено општествено работно време. Количинскиот однос во кој една стока се разменува за некоја друга ја прави нејзината прометна (разменска) вредност. По појавата на парите и развојот на стоковниот промет, таа вредност добива форма на цена.

Производството на стока датира уште од периодот на преминот од епохата на варварството во епохата на класното општество. Тогаш се формирале основните услови на стоковно производство: општествена поделба на трудот, вишок на произведени добра и правна и деловна самостојност на производителот на стоката. Врз таа основа израсна и се разви стоковното стопанство се до нашево доба.

Стока на непосредна потрошувачка  е стока која целата се троши со една употреба. Тоа се на пример прехранбените производи, тутунот, горивото и сл. Стока на трајна потрошувачка (трајна потрошна стока) е стока која со една употреба не се уништува, туку се искористува подолго време.  Такви се облеката, мебелот, автомобилот и сл.

Стоковни листи се прилози на трговски договори што ги постигнуваат државите за да го регулираат меѓусебниот стоков промет. Кон секој трговски договор обично постои листа на извоз и листа на увоз.

Стокови залихи се количества на непродадена стока кои лежат во складишта и очекуваат реализација. Секое нормално функционирање на стопанството бара стандардни залихи поради можни пречки во производството и поради евентуален недостиг на некој вид на стока.

Стокови документи се пишувани исправи кои ја следат стоката кај нејзиниот пренос, превоз, експедирање, преземање и складирање. Редовни стокови документи се пропратница, примка, отпремница и доставница, но и сите исправи што купувачот ги добил од продавачот. Тоа се фактурата, товарниот лист, товарницата, складишницата, полисата на осигурување, царинската декларација, потврда за квалитетот и потеклото на стоката итн.

Стоков фонд е вкупно количество на произведени добра кое во одредено време и на одреден пазар ќе биде понудено на продажба. Ги опфаќа сите производи на индустријата и рударството, а во земјоделието само пазарните вишоци, т.е. делот кој не се троши во домаќинството, туку оди на продажба. Стоковиот фонд се дели на фонд за репродукција и фонд за широка потрошувачка, а во стабилно стопанство тој е урамнотежен со куповниот фонд.

Стоков клиринг е договор за размена на стока помеѓу држави. Со него се утврдени количеството и видот на добра што ќе се увезат и извезат во двата правца. Плаќањата се вршат во земјата увозничка, кај установата која е предвидена како клириншка банка.

Стоков промет е севкупност на сите продажби и купувања на стоки и услуги остварени во одредено време на одреден пазар. Се одвива со посредување на пари и постојани метаморфози на стоковната вредност од стоков во паричен облик. Освен непосредното купување и продавање на стока, стоковиот промет опфаќа и други работи кои се најтесно поврзани со купопродажбата, на пример посредништвото, застапништвото, отпремништвото и сл.

Стоковни договори се договори помеѓу држави со кои тие се договараат за меѓународна трговија на примарни производи, продукти на земјоделието, рударството, шумарството итн. Се развиле особено по големата економска криза 1929-33, како една од формите на интервенција на современата капиталистичка држава. Најчесто се појавуваат како договори за тампон-залихи (англ. buffer-stock agreement) и договори за квоти (англ. quota schemes). Со првите се утврдува состојбата на залихи на некој примарен производ кои овозможуваат, според потребата, да се интервенира на пазарот и да се одредуваат цени кои ќе бидат применети во такви ситуации. Со другите привремено се распределуваат светските пазари помеѓу земјите извознички.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion