Потребно време за читање: 4 минути

61. Поинаква Олимпијада

Станува сè поочигледно дека вакви какви што се Олимписките игри се неодржливи и е нужно час поскоро да се извршат радикални промени, дури да се постават на поинакви основи. Тоа го потврдија и последните одржани во Париз. Всушност, го потврдува нивната историја и нивната сегашност, од возобновувањето на античките до денешните „модерни“.

Сосема накусо она што е општо познато:

Древните Олимписки игри биле низа од атлетски натпревари меѓу претставници на градови-држави и една од Панхеленските игри одржувани во чест на Зевс. Првите се одржале во 776. г.пр.н.е и биле одржувани на секои четири години. Последните, пак, се одржале во 303. година од новата ера, за време на царот Теодосиј I.

Во текот на одржувањето на игрите била објавувана тн. екечеирија-олимписко примирје: тројца тркачи, познати како спондофорои, се испраќани во градовите учесници на секој собир на игрите да го најават почетокот на примирјето.

Наградите за победниците биле венци или круни од маслинов лист. Олимписките игри исто така вклучувале верски прослави, а статуата на Зевс во Олимпија се сметала за едно од седумте светски чуда на стариот век. Скулптори и поети се собирале на секоја олимпијада за да им ги прикажат своите уметнички дела на идните покровители. Игрите секогаш се одржувале во Олимпија.

Пјер де Кубертен, еден од основачите на модерните Олимписки игри, сакал во целост да ја имитира античката Олимпијада, во секој поглед. Во неговата визија имало и уметнички натпревари по примерот на античките игри, а кои (ќе) се одржуваат на секои четири години, во текот на прославата на Олимписките игри. Неговата желба била остварена на Олимпијадата одржана во Атина во 1896. година.

Единствен настан забележан на првите 13 Олимпијади била трката „стадион“, праволиниски спринт од нешто повеќе од 192 метра. Борењето е воведено на 18-тата Олимпијада, боксот во 688. г.пр.н.е., панкратион (сличен на боксот) е воведен на 33-тата, во 648 г.пр.н.е., а потоа се воведуваат фрлањето диск (дискос), скокот во далечина (халма) и петобојот (со 5 дисциплини: трчање, скок во далечина, фрлање диск, фрлање копје и борење).

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 50

Најпрестижни натпревари на игрите биле трките со коњи и запрежни кочии. Се состоеле од различни настани: трки со кочии со четири коњи, со два коња и трки со коњи со јавачи.

Значајно е да се одбележи дека за античкиот македонски врховен бог Диос македонскиот крал Архелај I го изградил храмот во Дион, во подножјето на Олимп и ги организирал македонските Олимписки игри-пандан на хеленските.

Современите Олимписки игри се водечки меѓународен спортски настан (летни и зимски). Баронот Пјер де Кубертен го основал Меѓународниот олимписки комитет (МОК) во 1894. година, управен орган на олимпиското движење, со Олимписка повелба за дефинирање на неговата структура и власт. Олимпиското движење се состои од меѓународни спортски федерациинационални олимписки комитети (НОК) и организациони комиси за секоја конкретна олимписка игра.

Постојат неколку олимписки ритуали и симболи, како што се олимпиското знаме и олимпискиот факел, како и свеченото отворање и затворање на игрите. Се доделуваат олимписки медали-златен, сребрен и бронзен.

Првите игри под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет биле одржани на Панатенејскиот стадион во Атина во 1896. година. Во игрите учествувале 14 земји и 241 спортист кои се натпреварувале во 43 настани. Вторите олимписки игри се одржале во Париз.

Олимписките игри 2024. во Париз поставија многу прашања, дилеми и наметнаа потреба од нивно видоизменување. Почнувајќи од нејзината суштина-игри или натпревари, па менување на геслото „Побрзо, повисоко, посилно“, дефинитивно напуштање на „Важно е да се учествува“ односно напуштање на спортскиот „аматеризам“, па сè до дилемата дали и натаму индивидуални и колективни спортови и надминување на „националното“ со строго придржување на „глобалното“ како „интегрирачки принцип“ на олимпизмот.

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 13

Некои конкретности:

1. Играта сама по себе не значи натпревар или борба, ниту таа треба да се поистоветува со нив. Таа неретко е самоцелна, забавна, просто интересна. (За играта има многу испишани научни студии и расправи, а јас најчесто го препорачувам делото на Роже Кајоа „Игри и луѓе“.) И во минатото и денес и во иднина Олимписките не биле, ниту се игри, ниту „збир“ на индивидуални или колективни борби, туку натпревари. Не треба да се пренебрегне и фактот дека доколку и натаму се инсистира на Олимписки игри, тие би морале да содржат и други, не само спортски. Впрочем, античките Олимпијади и содржеле такви-„неспортски“;

2. „Побрзо, повисоко, посилно“ му противречи на „Важно е да се учествува“ затоа што тоа инсистира не на учество, туку на постигнување што подобар, поголем, повисок резултат; а тоа, пак, значи не аматеризам, туку врвен професионализам;

3. Олимпијадата мора да си го врати „индивидуализмот“. Со други зборови, таа не треба да сподржи и колективни спортови. Укажувам на една неодржлива противречност: во индивидуалните спортови на светски потврдени спортисти, со олимписки и светски рекорди им се „придодаваат“ аматерски, на кои им е единствено важно да учествуваат, а во името на масовноста. Во колективните, пак, нештата се „испомешани“. На пример, на машкиот фудбалскиот турнир „светските сили“ учествуваат со „олимписки“ репрезентации составени од играчи од второлигашки, па и третолигашки ранг, непознати, неафирмирани, на кои им се спротивставуваат „неолимписки“;

4. Ноторна глупост е „инаугурацијата“ на родовата еднаквост на последната Олимпијада (годинава во Париз), а која се „сведе“ на ист број машки и женски натпреварувачи. Токму поради тоа се „случија“ неприфатливи, па и комични ситуации, како што беше „боксерското претепување“ на жена боксерка од стана на жена со „повеќе машки полови хромозоми“. Ако е половата еднаквост „голема придобивка“ на ОИ, тогаш зошто не се „интегрираа(т)“ машките и женските турнири во колективните спортови, како фудбал, ватерполо, ракомет…?  

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 23

5. Можеби најважно од сè:

На Олимпијадата спортистите треба да се натпреваруваат исклучиво под олимпиското знаме, односно петте олимписки круга и олимпискиот оган. Со други зборови, тие да не ги претставуваат своите земји, а особено не во нивна чест да се креваат државни знамиња со изведба на химната на земјата од каде што доаѓаат. На тој начин се мајоризираат одделни држави-спортски велесили. Се разбира, тоа не значи самите спортисти да не ја изразуваат припадноста на државата, како и државите да не ги слават успесите на своите спортисти. Тоа значи дека од една страна им се овозможува рамноправен и достоинствен настап на сите спортисти, и на оние кои доаѓаат од „непожелни“ држави (неодржливо), а од друга е неприфатлива „прослава“ на држава која ништо не вложила во развојот односно подготовката на свој спортист, па и „колективно“-на сите свои спортисти.

6. Конечно:

Со оглед на огромните материјално-финансиски средства за организирање на Олимпијадата, просто е невозможно тие кога било да се одржат во „мала“ држава. А токму организацијата подразбира поттик на спортот во државата организатор. Најпрвин создавање услови за спортување, а пред сè изградба на спортски објекти и инфраструктура. Неопходно е тие да се „симнат“ и на пониско, национално ниво. Можеби „квалификациони“, а не поставување на олимписки норми. (Кои, пак, не важат за колективните спортови!)

Нужно е да се размислува за обновување на античките, поточно организирање модерни македонски Олимписк игри (не натпревари). И како пример за светот.