Потребно време за читање: 2 минути

27. Признанието

За што признание?! Зошто признание?! Од кого признание?! Најпрво или последно: какво признание?! Секогаш последно: дали заслужено признание и што со незаслуженото кое, се подразбира, се добива поради други, подзаскриени, сокриени или нескриени намери и цели? Да се има предвид разликата: едно е да признаваш, а друго да даваш односно да оддаваш признание. Кој може поточно да одговори на поставениве „зачудувачки“ прашања? Признаениот или оној што дава признание? Да не обајцата?

Еве јас-со непризаено дело и со амбиција да одговорам најточно:

За што признание?

Прво за создадено обзнаено дело, а потоа за обзнаено создавање. Што подразбира критичко согледување на неговата вредност односно на неговите вредности. Нелогично, па и апсурдно е признание на премолчено, одмолчено, маргинализирано создадено дело или создавање. Можно е, но тоа само по себе значи задоцнето или предоцна оддадено. Истовремено значи непотребно и бесцелно.

Зошто признание?

Искрено не знам. Знам за однос спрема дело односно творештво од оној што признава или дава признание. Што, пак, најпрвин значи творештво на пиедестал, општествен статус на творецот, грижа за неговата материјално-финансиска (благо)состојба…Знам и за дебилното „признание“ на признаениот, имено дека за него признанието претставува „поттик за натамошно творење“.

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 30

Од кого признание?

На пример, може да се добие признание од едикојси, од повисока или највисока „инстанца“, од државата. На творецот „најмило“ му е признанието од творци зашто „тие најдобро препознаваат вредност“. Како да не! Треба ли да појаснувам и аргументирам дека творците ниту се кадарни, ниту сакаат да „препознаваат“ туѓи вредности, на други творци? (Не мислам само на суетата.) Да, се подразбира дека ги препознаваат на „своите“, на оние што се во нивните „кругови“, но не може ни да се помисли тие да доделат или оддадат признание на творец кој не е во ниеден, ниту има свој „круг“. Што се однесува, пак, на повисоката или највисоката „инстанца“, поготово од државата: колку вреди какво било признание од натурена мафија на власт?!

Во овој контекст „додатно“ прашање: што му вреди и што му значи признание (какво-годе) на творец во години, кој е „на чекор од исчезнување“?

Какво признание?

Се докажало и постојано се докажува: единствено парично „проследено“ односно потврдено или „документирано“ со диплома, плакета, симболичен предмет, медал, пехар, уметнички оформен „печат“. Парите за каква-таква „пазарна вредност“ на признаеното дело или создавање, а „проследеноста“ за во посебно место или во витрина во живеалиштето на творецот-за покажување, самофалба, доказ на „видност“.

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 4

Конкретна потврда:

Најголемото признание, односно најголемата награда на светот е Нобеловата, а таа изнесува еден милион и двесте илјади американски долари. Само помислете на колкумина македонски политиканти и мафијаши на власт им се „многу“, „достижни“ или „недостижни“ тие пари . Напомена: се доделува и златен медал со ликот на Алфред Нобел, направен од 18-каратно зелено злато позлатено со 24-каратно злато; тежи приближно 200 грама и има пречник 66 милиметри.