Потребно време за читање: 2 минути

Марија Имотска, те прашувам зашто нешто не е в ред со тебе. Чудни промени ми раскажува твоето голо тело. Како да се бори за опстанок, за најпримитивна егзистенција. Делови од тебе летаат наоколу и се стопуваат во некаква чудна, недефинирана, аморфна маса. Како да не си ти, Марија!…Како да не те интересира што се случува околу тебе. Тоа секако не е дел од мене, од мојот напор да ти направам болка по секоја цена, за после долго да ја чувствуваш од мене.

Залуден ли е мојот ентузијазам постојано да го победувам мртвото студенило на твоите усни? Зошто, Марија Имотска? Зошто сега тоа? Каков е овој сон што избегал од тебе, се ослободил и како да е свесен за освоената слобода?

Сакам, Јасене Виорски, да се обидам да сторам нешто. Да ти противречам. Да сторам нешто што воопшто не го очекуваш од мене. На пример, да го делам моето минато. Не, твоето сега не. Можеби подоцна. И тоа на ваков начин: малку на едни, па малку на други, па после малку на други и најпосле малку за нас. Веќе знаеш дека Елиот напишал стихови за присуството на сегашното и минатото време во идното, потоа идното во минатото. Всушност, за таква моќ ми пека мислата. Можеме да имаме и ние слично. Барем на крајот, Јасене Виорски. Верувам дека нема да биде тешко ако знаеш да ме прашаш зошто прво минатото. На тоа јас да ти одговорам сосем рамнодушно: затоа што е веројатно сеедно што правиме ние сега, на пример.

Прочитај и за ... >>  Мора ли повторно нешто од неговиот личен живот? Мора!, заклучува Марија Имотска.

Ете, во ваква состојба се наоѓаме. Како во игра. А таа, играта е дел од нас и добро е ако ја продолжиме. Може и по месеци ако ја имаме доволно, и по години ако останеме свесни за неа.

Ти продолжуваш да прашуваш дали потоа сегашното или прво идното време, а јас ти одговарам како што милуваш, само без потребен страв. Јас одамна открив, како сопствено сознание, дека времето се мерело уште од многу одамна, и тоа како потреба за ритам можеби или за интервали. Можеби за промени. Ти продолжуваш да прашуваш: а нивното присуство во иднината? Се разбира, одговарам јас, и затоа сум овде со тебе. Веројатно некогаш и на друго место. Потоа почна да молчиш, Јасене, а јас сè уште не разбирам зошто.

Горната усна ѝ беше пресечена со нож. Уште како девојче, додека не мислела на опасности.

И така, Марија Имотска, од една страна разговор без точно одредена цел, колку да внимаваме да не нè направат наивни случајно, а потоа со неверојатна вештина ги почнуваме игрите на прстите со мрежи по ѕидовите. Се разбира, во добро расположение.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

А немирот?, се сеќаваш да ме прашаш.

Тој подоцна, одговарам јас.

Како е тоа да замислуваш дека на луѓето им е сосем обично да не те познаваат, а да те поздравуваат срдечно?, ме прашува Марија Имотска свртена кон улицата.

Почнува со прстите на двете раце занесено да си ја зачешлува косата.

Веруваш дека е тоа победа?, ја прашувам јас, Јасен Виорски.

Не. Можеби само задоволство и можеби од што ми е здодевно, одговара таа.

Се обидуваме да се сокриеме од луѓето на улицата во своите сенки.

Победа или спокојство?, продолжува да ме прашува.

Легни, ѝ велам штом го пречекоривме прагот на моето живеалиште, покажувајќи ѝ на железниот кревет среде дневната собата. Ако сакаш точно. Личната слобода пред сè.

Легнати голи во железниот кревет, среде собата на моето живеалиште, замислуваме маски како потреба. По месеци ако има доволно. И по години ако може, доколку замислиме многу.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here