Потребно време за читање: < 1 минута

33. Понекогаш

Мојот дом под ведро небо
има источна и западна врата;
источната ми е за излегување,
а западната за влегување
во него.

На северната и јужната страна
си направив големи прозорци;
низ нив студенина и топлина
да ме будат и заспиваат
навреме,
да ми ја крепат снагата
од заодување до премалување.

Понекогаш ми се случува
од мојот дом
да излезам низ источната
и потоа во него
да влезам низ западната врата.

Понекогаш ми се случува
да го отворам
северниот прозорец
за во него да влезе
топлина,
а да го отворам јужниот
за во него да влезе
студенина.

Тоа затоа што
сè побрзо и сè поненадејно
се менуваат времињата,
па и годишните доба.

Во мојот дом под ведро небо
господар сум на себеси,
на тишината и громогласот,
на мислата и зборот,
на возбудата во стварниот
и спокојот во заумниот свет.

Додека сум на нозе,
додека на секоја болештина
не ѝ позволувам трага
да ми остави во крвта,
во градиве, во срцево,
во коскиве,
ни некогаш ни понекогаш
нема со него и со нив во него
да загосподари некој друг.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here