Потребно време за читање: 2 минути

Правиш чудни движења кога се обидуваш да си ги смириш нервите. Си ги кршиш прстите, те облева студена пот. Гледаш точка во огледалото. Зениците ти се шират. Ја растураш косата. Соземи се, Марија Имотска.

Огледалото е искривено на средината.

Наведни се малку, колку да ти го фати лицето или барем образот. Јас се сеќавам на еден ден кога од болки во мевот не знаеше што да правиш. Не можеше да си го контролираш дишењето. А јас ти помогнав само со тоа што молчев сè додека не ти успеа да станеш, да се исправиш. Потоа си го испегла фустанот и излезе со мене на вечера. Така беше, Марија Имотска.

Огледалото го покрива ѕидот, а над него слика што личи на Пикасо.

Ти не го признаваш поразот. Можеби затоа не дозволуваш да ти помогнам. Да, се случи во паркот. Премногу брзо и толку едноставно…Нема што да се објаснува. Наеднаш ѕидови од сите страни, замисливме, а потоа ти фрлена во трева. Па стравот!…Мораш да признаеш: ти не си го признаваш поразот оти е осамен. Но го имаш! Да, Марија Имотска, поразот е во тебе. Осамен да, ама во тебе Марија.

Прочитај и за ... >>  Прашање прво што го мачи Јасен Виорски: Колку сето ова има смисла?

Во едниот агол огледалото има црвена топка.

Ете, сега гледаш дури и црвена топка. Дали се замислуваш како дете или овде треба нешто да докажеш, сеедно е. Мене сè уште ми личи на онаа во небото кога беше темно пред дожд. Таа минуваше полека, влегуваше во еден, а излегуваше од друг облак. Знаеш, паметиш, тогаш ме вознемири. Помислив дека со тебе се случува нешто неверојатно. Подоцна разбрав или ти ми рече дека тоа било само умора. Се сеќаваш ли, Марија Имотска?

Огледалото ти го преправи лицето во неверојатна маска. Не за друго, за ништо друго, само за да ме помниш. И кога сум некаде далеку, дури и на други континенти и со други луѓе, и тогаш да ме помниш. Секогаш да се надеваш дека сепак ќе дојдеме пак овде. Заедно, Марија Имотска.

Огледалото полека се распукнува, одозгора удолу, па попреку, и се појавува ѕид. Зелен и влажен. Веројатно од што одамна не бил на сонце. Јасен Виорски и Марија Имотска го гледаат рамнодушно. Како да го очекуваа, како да знаеја дека тој зад огледалото не може да биде поинаков. Зелен и влажен. Во еден миг се погледнаа продорно и заедно заклучија дека ќе мораат да го урнат што е можно поскоро.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here