Потребно време за читање: 2 минути

Брзо се согласи да дојде во мојата соба со четири ѕида. Кога сега размислувам зошто и како, доаѓам до сознанието дека се согласи брзо зашто помисли на нашиот неопходен дијалог. И дека ќе разбере нешто од мене.

Знаеш, мислам дека те познавам уште како дете. Сме си играле заедно. Како од една мајка родени!…Заедно сме пливале во реката, заедно сме се возеле во лифтот во зградата спроти домот и сме го шарале со срца…Се сеќаваш на циркусот во паркот?, се праша Марија Имотска и ми се насмевна. Некако наеднаш, покажувајќи ги здравите заби со единствениот златен во горнат вилица.

Се сеќавам, потврдив.

Она со змиите. Ми беше страв кога ги пуштија од стаклената кутија, продолжи Марија Имотска со замислено лице. А човекот во црно, без страв дека ќе го каснат, ќе го отрујат, ги фаќаше со голи раце и ги ставаше на вратот. Им дозволуваше да му го стегнат, да му ја подзамрзнат насмевката. После им дозволуваше да му го обвиткаат телото…Па она со мајмуните што скокаа во мрежата и возеа велосипеди со едно тркало…Се сеќаваш, нели?

Прочитај и за ... >>  Нешто сепак се случува. Колку да го задржиме континуитетот

Да, се сеќавам, како не, потврдив.

Додека се правеше зградата, ние децата си игравме криенка во скривниците. Фаќавме стаорци и ги попарувавме со врела вода, а тие пиштеа. Потоа полумртви ги стававме на ѕидот и ги погаѓавме со камења. Се сеќаваш, нели?, пак ме праша Марија Имотска.

Се сеќавам, како не, потврдив.

Ако беше ти, не се сомневам дека беше ти, мора да беше, ти немаше ден да не си ја удриш ногата во некој камен, да не го откорнеш со босата нога. А палецот постојано ти крвавеше. Или ќе го помочаше, па после пак се криевме во скривниците. Или ќе ја покриеше раната со песок или со прашина, па забораваше на болката, па продолжувавме да фаќаме стаорци и да ги попаруваме со врела вода. Нашата омилена игра. Се сеќаваш, нели?

Се сеќавам, Марија Имотска, како да не се сеќавам, потврдив.

А кога ја населија, како да ни беше нешто одземено. Почнаа да ставаат клучеви на вратите. И влезот беше постојано заклучен…Чудни беа луѓето што се вселија во неа. Во прво време излегуваа на балконите, се довикуваа, разговараа меѓу себе, но по време можевме да ги сретнеме само кога се враќаа од работа уморни…Ни забранија да излегуваме од дома попладне за да не ги вознемируваме додека спијат…И нам во домот ни забранија…Сите спиеја попладне. Се сеќаваш, нели се сеќаваш Јасене Виорски?

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Да, се сеќавам потврди.

Јас:

А се сеќаваш ли ти на кучката што ја чувавме, ја раневме и со која трчавме околу зградата? Кога едно попладне во дворот дојде голем пес и се спари со неа, а ние гледавме насобрани околу нив? Па дотрча Строгиот, така си го викавме самецот населен во приземјето во првиот влез. Во рацете носеше лонец полн со врела вода. Ги попари, а тие мигум се одвоија цвилејќи? Не се сеќаваш?

Не, рече отсечно Марија Имотска.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here