Потребно време за читање: 2 минути

Се качуваме на највисоката карпа. Има многу трева и тоа нè вознемирува. Очекуваме песок и остри камења за да внимаваме и да броиме кога ги движиме нозете. Колку чекори и колку напор. Како во времето на прошетките на брегот.

Воздухот е чист. Како нож во грло! Гребе, па тешко ни успева да разговараме за нашата намера.

На карпите знаци нацртани со бела креда. Седнуваме на една куќа со прозорци во оган! Значи, опожарена куќа! А потоа на непознати животни со рогови! Се обидуваме да ги толкуваме.

Не можам сега, Јасене Виорски. Вака докрај предвидена од тебе! Сè што треба да докажам во рамки! Докрај истрошена! Сега и последното мое сомневање.

Куќата гори оти нема вода, Марија Имотска. Ако не ни успее да го дофатиме другиот брег, барем да ѝ донесеме малку од Морево.

Непознати животни со рогови нè гледаат од карпите. Можеби затоа децата се обидуваат да летаат што подолго, да летнат од нас што подалеку Јасене мој.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Да не се исплашени од нив?, те прашувам.

Не, туку да ни успее само малку да ги следиме. Претпоставувам, одговараш ти.

Сонцето ѝ ги суши усните, а челото ѝ го покрива со сенки.

Зошто не ми раскажуваш дека веќе утре нема да бидеме заедно? Децата ќе продолжат да летаат и без нас. Може ноќе не, сакаш да доречеш. Па добро, нека е така.

Зошто да ти раскажувам? И сама знаеш што уште треба да се случи со нас. Точно, веќе утре нема да бидеме заедно и децата ќе продолжат да летаат без нас.

Но ќе летаат, Јасене Виорски, а тоа сигурно нема да ти се допадне на крајот.

Нели сè предвидовме како мора да се случи, Марија Имотска? На крајот ние сами, во железни оклопи, со изморени тела. Ќе нè болат коските, ќе бидеме стари и сами. Да, сами! Разделени, далеку еден од друг!

А ако децата ни паднат во Морето? Да не се разбудат навреме?

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Станувај! Да ги стасаме дури е сонцето. Тие сè уште не научиле како да се брани спокојството!

Карпата е висока, Морето долу. Се држиме за раце. Децата нè поздравуваат и се смеат. Летаме заедно со нив!

Во ваква ноќ на мајка ми ѝ ја сечат ногата, Марија Имотска.

Косата ѝ е сува, а убавината на телото како да ѝ го измислува лицето.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here