Потребно време за читање: 2 минути

И уличните светилки личеа на далечни ѕвезди според кои требаше да се движиме за да не паднеме ненадејно и да не можеме да се задржиме на нозе. Според нивниот план, од нас замислен, еднаш воспоставен без можност за промена, требаше и да се препознаваме поинакви од што сме. Во одредени мигови на нашето кажување и сосема нови и непознати. Поинаку да не се препознаваме зашто беше близу полноќ, а сè уште многу луѓе беа излезени на улиците. Уличните светилки беа наша цел, причина и последица, старт едновремено. Да достасаме една, а нашето достигање да продолжи во друга. И така.

Но тоа сигурно не е причината што се чувствувавме сосем непознати. И за нас и за другите. Впрочем, Јасене Виорски, ти добро знаеш дека и порано, одамна не се познававме; секогаш кога маглата вака покриваше сè.

Сепак, и сега настанот ќе биде прв. Јас така решив.

Прочитај и за ... >>  Повторно стварноста како дел од сонот или негово продолжение.

Трите тополи што растеа со нас како да запреле до нашиот прозорец за да ги гледаме додека се погледнувавме одвреме-навреме, во неми интервали. Некогаш ќе се слушнеше минувањето на еден автомобил, по него на друг, со чудно ехо во воздухот…Како да сечат коска со пила. Оној неподнослив звук од што брзо боли глава…Така некако дознавме, допре до нашата свест, ја потврди нашата претпоставка дека сè уште многу луѓе беа излезени на улицата.

Ме повторуваш, Марија Имотска. Внимавај!

Па што? Ништо необично нели. Тоа тебе не може да те вознемири. Сè е во твои раце нели.

Сега си иронична.

Мене ми е редот, Јасене Виорски.

Јас и таа излеговме да купуваме за ручекот што сакавме да го направиме со некакви нови треви. Велеа дека се необично вкусни, а ги донеле од зад планината. Веќе неколку дена и ноќи паѓаше снег, па сега беше замрзнат и сув и крцкаше под несигурните чекори на старците кои, веројатно, претпоставувавме, морале да излезат во маглата што покри сè.

Прочитај и за ... >>  ДЕТАЉ III

Ова за да се дополни сликата?

Да, Марија Имотска, според редот.

Подоцна видовме како падна еден човек во долго црно палто. Чудно, како да сакаше да падне! Кога му пријдовме беше исплашен, а околу него сув леб. Човекот во снегот погледнуваше ту во нас ту во сувиот леб. И само што сакавме да му помогнеме да стане, тој сам стана и избега.

Малку подолу наеднаш пред нас застана друг, постар човек. И тој беше исплашен, со изморени очи. Имаше долго црно палто и бели чевли. Застана пред нас и праша која е оваа улица. Но, пред да му кажеме тој брзо потона во маглата. Само уште двапати го слушнавме како прашува која е оваа улица.

Потоа јас и таа продолживме да слегуваме во градот по новите треви што ги донеле од зад планината.

Го направивме ли ручекот, Јасене Виорски?

Да, го направивме и поканивме многу пријатели. И беше мошне свечено. Направивме голема веселба. Тогаш те запознав поинаква.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Каква поинаква?

Тоа ти се случи само тогаш. Никогаш повеќе. Ни подоцна ни порано од нашиот заеднички свет. Неверојатно лесно и без двоумење ги отфрлаше сите дребнулии со кои сакавме да те покриеме. Тоа никако не ни успеваше затоа што едноставно ти, Марија Имотска, постојано ни се јавуваше во својата природна појава. И тогаш ми беше многу убава. Никогаш поубава! Ни порано ни подоцна од нашиот заеднички свет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here