Потребно време за читање: 4 минути

ДЕТАЉ I

Од сонот во стварноста се влегува постапно.
Детаљ по детаљ. Од еден во друг, па назад.

Ја познаваше пред да го почнат разговорот насамо. Беше сигурен дека ја познава. Според сите знаци што му ги упатуваше и според нејзиното вообичаено однесување. Обично брзо минуваше покрај него и не се ни обидуваше да го забележи. Секогаш како да брзаше некаде, како некој да ја чека. Така ја гледаше веројатно затоа што постојано, речиси без исклучок ја среќаваше сама. Тоа беше чудно. Чувствуваше како да е целосно вградена во некој нејзин, сопствен свет, неделен и затворен за други. Без макар пукнатинка низ која би можел да се провре и да се обиде да го совлада однатре. Макар. Сепак ќе мора. Тоа е дел од целта!

Дали те познавам?, почна тој.

Мислам, му одговори таа.

Го гледаше право в очи, како да го открива внатре.

Ти си нова овде?, продолжи тој.

Внимаваше каква насмевка да ѝ покаже. Мора да биде задоволна со неа, а едновремено да не знае зошто.

Не знам. Како да сум била и порано и како тебе да те познавам одамна.

Што може да се случи сега?, се прашуваше.

Дали да ја почнам љубовта или да ја освојувам дел по дел, притоа строго контролирајќи го времето? Прво од очите кои како да не можат долго да гледаат во едно. Постојано се во движење! Потоа устата сосе насмевката, па телото облечено без никакво навестување дека скоро би можело да биде голо за него.

Прочитај и за ... >>  Ако треба нешто да се раскажува, не мора да се пишува. Пишувањето на времето на Јасен Виорски и Марија Имотска сепак е нешто друго!

Тајна што го привлекува да ја открива, да ја лови страсно, како диво животно. Заедно и едновремено со неа.

Не знам што се случува. Се гледа дека сум збунета пред тебе?, го праша.

Не си. Само го посакуваш тоа. Но, да го оставиме тоа. Да ти кажам зошто почнуваме вака. Мислам затоа што имаш важно минато и треба да ми го кажуваш; да се сеќаваш, а да не забораваш. Сè што било. Не само она што мислиш дека ни треба.

Значи, сакаш да искористиш нешто од мене. Или сè? Знаеш, точно е тоа дека таквите како тебе умеат да откријат што ќе посакаат од некој, а тој некој воопшто да не го забележи тоа; и да го присвојат како свое. Туѓи судбини, туѓи светови и туѓи зборови. Сè само за да го направиш сопственото лице.

Мислиш оти немам свое, па го барам во други? Во тебе? А ако е маска моето?

Маската ја имаш…Зошто ти токму сега ме побара? Зошто ме побара да разговараш насамо со мене?

Веќе ти реков. Оти те познавам, ѝ одговори.

Што сакаш од мене?, продолжи таа.

Не отстапува, а тој нема намера да објаснува. Уште помалку веднаш да измислува некаква друга цел од онаа што си ја поставил како дел од сопственото животно искуство. Да измислува нешто како конструкција од претпоставки што таа треба да ги докаже.

Па, да речеме дека треба да бидеш моја оти ми требаш. Да бидеш со мене кога размислувам сам, во осама, и кога се обидувам да размислувам просторно, а не временски. За не знам што. Потоа гласно да кажуваш што сум, а што настојувам да бидам. Да бидеме консеквентни докрај. Да бидеме обајцата слободни, ослободени од сè. И само за да се познаваме.

Прочитај и за ... >>  Ние сме сепак дел од стварноста

Сега си ироничен.

Можеби, но во секој случај треба нешто некако да се почне. Нешто некако да го означи нашиот почеток. Ти и твоето минато со мене! Мислам дека имаш важно минато. Барем за мене. Токму затоа ќе те следам внимателно. Прашуваш од каде и од кога? Па, зависи од тоа колку долго ќе се откриваш и како јас ќе те откривам.

А моето име?

Мислиш дека е потребно? Нели научивме дека основен и најнаивен облик на нарација е ако таа се одвива во трето лице. Мишел Битор уште вели дека во романот она за што се говори во него секогаш е и оној што говори; дека сознанието за еден таков факт предизвикува пренесување на нарацијата од трето на прво лице; а со воведувањето на првото лице се постигнува пред сè повисок степен на вистинитост; оти кога е сè раскажано во трето лице се има впечаток дека набљудувачот е сосем рамнодушен. Се разбира, нема да го одбегнуваме и внатрешниот монолог.

А моето име?

Зошто инсистираш? Добро, в ред. На пример, Марија Имотска. Сиот имот со тебе, Марија. Како Марија. Си била еднаш една Марија…

Не почнувај! Не така! Сеедно ми е, но ми се допаѓа.

Само да знаеш, немам намера да развивам некакво дејствие или кулминација. Сигурно само со тебе, и тоа којзнае дали до крајот. Не би требало, Марија Имотска, па не знам колку да е тоа себично од мене, некаков страв или инфериорност.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

А ти?

Што јас? Да не мислиш и јас?

Барем како препознавање. Во сè она што се случува и ќе се случи мора да се знае кој си ти, а која сум јас.

Прифаќам, Марија Имотска, не треба да се вознемируваш. Тоа не менува ништо. На пример, јас се викам Јасен Виорски.

Е, мој Јасене, како виор те прифаќам, како виор ќе те одбивам кога нема да ми бидеш потребен.

Сега си и ти иронична. Но да знаеш, биди подготвена. Сигурно ќе треба и нешто постојано да се случува. И секогаш крајот како почеток, Марија Имотска. Оти сама велиш: почетокот секогаш има крај.

Но моето минато не е толку обично и познато за да биде и за други, Јасене Виорски. Не верувам дека некои ќе можат да го споделат со мене.

Напротив, јас не мислам така. Зар ти мислиш само минатото? И само како искуство? Е, Марија, Марија Имотска, биди спокојна. Сè што ќе се случи како кулминација што не ќе е тоа, како дел од нашето битие само во еден миг, ќе се случи на крајот. Без грижи.

Имаше зрак во нејзините очи. Како страв.

Треба најпрвин него да го совладам, помисли Јасен Виорски и ја остави Марија Имотска да продолжи да го разгледува Големиот град.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here